ВМРО-ДПМНЕ, денес на партиската конвенција која ќе се одржи во Домот на културата „Браќа Миладиновци“ во Струга ќе одлучи кој кандидат ќе го поддржи за претседателските избори, во рамките на кампањата „За честита Македонија“.
Кандидати се: Никита Шекутковски – професор, Ѓорѓи Манасков – претседател на Стопанска комора за енергетика, Васко Костов – фармацевт, Влатко Ѓорчев – пратеник, Гордана Силјановска – професор, Илија Димовски – професор во пензија, Филип Петровски – ексдиректор на Архив, Горан Ангелов – директор на „Дрисла“ и Сашо Кутлешовски – професор.
– Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ може да победи и ќе победи на претседателските избори. Но тој кандидат мора да ги отсликува сите овие работи кои што ги кажувам, односно да биде способен да допре и до членовите на ВМРО-ДПМНЕ и до симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, до поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ, тоа се различни категории, понатаму да допре до неопределените и до незадоволните од СДСМ, а во исто време да има чисти и јасни позиции по однос на несреќната територијална организација, која што се случи во 2004 година, по однос на Законот за јазици и по однос на прашањето за името, коментираше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, во интервју за „Лидер“ за тоа каков профил треба да биде нивниот кандидат за шеф на државата.
Ќе гласаат 551 партиски делегат, а ќе биде одбран оној кој ќе добие најмногу гласови, но ако никој нема да им една третина тогаш истата вечер ќе има втор круг со двајца финалисти.
На почетокот на конвенцијата пред делегатите и претседателските кандидати ќе се обрати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а потоа ќе се претстават сите девет кандидати.