ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе достави над 15 приговори до Државната изборна комисија со кои ќе го оспорува изборот на Стево Пендаровски за Претседател на државата. Партиски извори за ТВ 24 брифираат дека констатирале многу изборни нерегуларности. Партијата уште вечерта по гласањето обвини за изборен инженеринг. Покрај приговори до ДИК партијата најави и дека ќе побара и кривична одговорност за сите незаконски дејствија кои ги забележале на терен како групно гласање, агитирање, поткуп на гласачи, организирано носење на луѓе на гласање.
Се уште се разгледуваат записниците што значи дека бројот на приговори може да биде и поголем. Во повеќе места се регистрирани поголем број на гласачки ливчиња од бројот на регистрирани гласачи, како и такви каде што има поголем број на гласачки ливчиња од потпишаните во списокот – велат извори од партијата за ТВ 24.
Тврдат и дека ќе има и приговори за недозволена агитација од страна на членови на изборните комисии. Од партијата имале докази и дека на некои гласачки места членови на изборните комисии директно известувале во партиското седиште на СДСМ за тоа кој од гласачите по има и презиме, во текот на денот не се излезени на гласање.
Од Државната изборна комисија велат дека се уште немаат добиено ниту еден приговор. Денеска е работен ден за ДИК, а последните рокови за приговори истекуваат утре до 17 часот.
Чекаме да видиме дали ќе има приговори, да поминат двата рокови па да закажеме седница да одлучуваме. Имаме рок од 48 часа да одлучиме по приговорите. А по нашите одлуки, незадоволните страни имаат право да поднесат тужба до Управниот суд, кој по неа треба да одлучи во рок од 24 часа. – изјави за ТВ 24 Оливер Деркоски, претседател на ДИК.