Македонија 12. февруари 2019. / 14:16

ВМРО-ДПМНЕ бара надзорна расправа за годишната програма на Министерството за култура

ВМРО-ДПМНЕ бара надзорна расправа за годишната програма на Министерството за култура

Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата во Собранието поднесе барање за оддржување на надзорна расправа за начинот на носење на годишната програма на Министерството за култура за проекти од национален интерес за културата во Македонија и реализацијата на програмата за култура за 2018 година, соопшти пратеничката Ане Лашкоска.

-СДСМ продолжува да ја закопува културата во калта. Не само што немаат чувство за припадност кон сопствената култура, ами со постапките и изјавите кои ги даваат покажуваат и елементарно непознавање на законите од областа на културата. Она што минатата година го правеше министерот Алаѓозовски, сега советник за култура на премиерот, се рефлектираше и оваа година уште посилно преку членовите на комисиите, а членови на СДСМ, рече таа.

Според неа, оние што се најодговорни за оваа невидена катастрофа, воопшто не ја разбираат суштината на проблемот.

-Не е проблемот дали ќе се прифатат дел од одбиените проекти, проблемот е во оние што веќе добиле средства без било каков уметнички критетиум да биде задоволен, а уште помалку јавниот интерес на граѓаните чиишто пари се трошат, рече пратеничката.

Таа повтори дека ВМРО-ДПМНЕ бара оставки од премиерот Зоран Заев и од министерот за култура Асаф Адеми.