Откако Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) информираше дека отвори два предмета за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од партијата ја повикаа Антикорупциска комисија да го испита и имотот на премиерот Зоран Заев.
Ја поздравуваме експeдитивноста на ДКСК и повторно ја нагласуваме отвореноста да се испитаат сите аспекти за кои постои интерес. Воедно ја охрабруваме Комисијата со истиот жар, истиот ентузијазам и експедитивност да го испитаат и имотот на премиерот Зоран Заев, имот кој од просечно земјоделско семејство стигна да вреди неколку милиони евра, па потоа да испитаат како Заев го изгради ‘Глобал’ за што беше амнестиран, а Заеви дојдоа и до возен парк ‘Бентли’ и ‘Мајбах’. Исто така, Комисијата треба да испита како судот го ослободи, поточно амнестираше Заев од случајот „Поткуп“ каде што се гледа со видео снимка како истиот бара поткуп.
Воедно по истиот допрен глас, кој за Антикорупциската комисија треба да вреди исто како и оној глас од власта бараме да се испитаат и повеќе дозволи за хидроцентрали на вицепремиерот Анѓушев, да ги испитаат сомнежите за грчки фирми на министерот Манчевски, и секако фирмите за марихуана на Заеви.
И кога не би бил последниот ден од оваа предизборна кампања, и кога Заев не би ги злоупотребувал институциите за ваков смешен политички маркетинг со цел да го покрие поразот, би го повикале заспаното обвинителство да поведе постапка против Зоран Заев за кривично дело – Спречување на истрага, за двајца негови функционери за што постои и јавно признание од Зоран Заев. Допрениот глас беше емитуван во емисијата на ТВ 24, а доколку не ја виделе од обвинителството, веројатно ангажирани за да го следат партискиот портпарол на власта, им стоиме на располагање да им ја дадеме снимката од истото”, изјави партискиот портпарол Наум Стоилковски.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој кажа дека Мицкоски, стои на располагање за сите детали кои што се поврзани со оваа истрага.
Стоилковски, како што рече, ДКСК треба да се знае дека Мицкоски во моментите кога директорувал со ЕЛЕМ не бил советник на Груевски, туку на премиерот на техничката влада Емил Димитриев, а потоа извесен период и на премиерот Зоран Заев.