Македонија 09. јануари 2019. / 12:18

ВМРО-ДПМНЕ: Aко некој гласа „за“ ќе биде исклучен од партијата

ВМРО-ДПМНЕ: Aко некој гласа „за“ ќе биде исклучен од партијата

ВМРО-ДПМНЕ останува на својот став и нема да учествува во работата на Собранието каде што денеска започнува последната фаза од уставните измени за ратификација на договорот за името со Грција. Партијата очекува нејзините пратеници овој пат да бидат единствени и да не гласаат за преспанската спогодба, но, за секој случај, уште сега најавуваат дека доколку има „предавници“ – веднаш ќе бидат исклучени. Тврдат дека власта продолжува да ги притиска и уценува нивните членови за да бидат безбедни дека имаат сигурно двотретинско мнозинство.

Пратениците ја следат конгресната резолуција и партиската програма, практично ги следат одлуките на извршниот и на централниот комитет, така што останува да веруваме во нивната чесност, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Пленарната седница е закажана за денеска, а законот предвидува дебатата да трае максимум дванаесет дена. Сепак, имајќи предвид дека опозицијата нема да учествува, можно е уште в петок да се гласа. Тоа, сепак, најмногу ќе зависи од проценката на власта во кој момент ќе има барем 80 гласа „за“. Така беше при првото гласање на 19 октомври кога седницата закажана претпладне почна дури вечерта. Тогаш, осуммина пратеници од опозицијата дадоа поддршка да се отвори Уставот.

Нашите информации се дека тие што гласаа првиот пат ќе гласаат и сега, а тоа што го кажува премиерот Заев, оти висело двотретинското мнозинство, го сметаме за алиби во однос на отстапките што ги дава целиов период. Наши пратеници ни се жалат дека изминатите денови добиле лични повици при што им се нудат различни работи за да гласаат за уставните измени. Во тој контекст го сметаме и колебањето на Обвинителството дали да поднесе акт против партијата за случајот ‘Талир’. Сакаат да обезбедат поголемо мнозинство и затоа го прават тоа. Ние не отстапуваме, договорот со Грција е штетен, а народот јасно кажа што мисли за него на референдумот. Со уцена, притисоци и амнестии успеаја да обезбедат мнозинство и сега самите нека го завршат процесот. Доколку некој од нашите пратеници се приклучи на гласањето – ќе биде исклучен од партијата, потенцираат од опозицијата.