Македонија 05. октомври 2019. / 18:30

ВМРО-ДПМНЕ: Агенцијата за национална безбедност се претвора во Агенција за партиска безбедност

ВМРО-ДПМНЕ: Агенцијата за национална безбедност се претвора во Агенција за партиска безбедност

Агенцијата за национална безбедност се претвора во Агенција за партиска безбедност. Уште од самиот старт нарушен е кредибилитетот и целосно париски е контаминирана, обвинија денеска од ВМРО ДПМНЕ.

– Во оваа агенција под крајно сомнителни околности и без јасни критериуми се врши селекција на партиски подобни кадри, а како еклатантен пример за тоа е вработувањето на Јовче Ременски, сопругот на Фросина Ременски кој јавноста го поврзува и со Боки 13. Во оваа агенција е вработен и Ѕвонко Костовски, кој лично призна вина и беше осуден за криминал на затворска казна, но не е во затвор бидејќи е единствениот за кого не се повлече аболицијата од Претседателот Иванов, велат од Центарот за комуникации на ВМРО ДПМНЕ. 

Малку им беше партизацијата, па згора на тоа во Агенцијата за национална безбедност се ангажираат кадри кои се класичен пример за непотизам и судир на интереси. Селекција ја поминале брачни парови, чичко и внука, мајка и ќерка, мајка и син, брат и сестра и уште многу други сомнителни случаи.
Согласно член 2 став 3 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси под судир на интереси се подразбира состојба во која службеното лице има приватен интерес што влијае или може да влијае врз непристрасното вршење на неговите јавни овластувања или службени должности, велат од ДПМНЕ.

– Дополнително службените лица кои биле дел од процесот на селекција имаат приватен интерес што би можело да се доведе во судир со нивната службена должност во иднина, по што согласно член 72 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, секое службено лице во своето работење е должно да внимава на потенцијален судир на интереси и да преземе мерки за негово одбегнување.
Ова не се само забелешки на ВМРО-ДПМНЕ, туку и на јавноста, па дури и на ДКСК. Но тоа очигледно на Виктор Димовски и на власта не им значи ништо. Тие и покрај јавните заложби за професионализација, на дело спроведуваат партизирање и полнење на институцијата со кадри компромитирана заради непотизам и судир на интереси, стои во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека ако постои вистинска искреност кај власта, селекцијата на кадри треба да биде проверена или повторена. Неопходно е да се формира нова комисија, бидејќи постојната веќе го загуби кредибилитетот, но и да се ревидира начинот на вршење на безбедносни проверки за да се утврди како е спроведено сегашното оценување на сите кандидати.