Како дел од агендата на редовната четврта седница на Владата што ќе се одржи во Штип, техничкиот премиер Спасовски и министрите во Владата ќе имаат серија активности.
Во склоп на одржување на утрешната седница ќе има и министерски теренски активности, меѓу кои ќе се изврши увид во работата на пречистителната станица Злетовица во населба Баби.
Во текот на денот и во рамките на овие теренски активности пред одржувањето на владината седница во Штип, заменичката претседателка во Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заедно со британскиот бригаден генерал, Хју Лојд Џонс ќе ја посетат Касарната „Јане Сандански“ во 13:30 часот, во Штип, во која се реализира обука под менторство на припадниците на вооружените сили на Обединетото Кралство.
Техничкиот премиер Спасовски во придружба на заменичката претседателка задолжена за координација со економските ресори, Мила Царовска и дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, и на директорката на УЈП, Сања Лукаревска, ќе ја посети текстилната компанија „Албатрос“ во Штип, каде што ќе оствари средба со менаџментот и вработените во фабриката. На оваа средба ќе присуствуваат градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочваров и претставник на Организацијата на работодавачите, како и претставник на здружението „Гласен текстилец“.