Иако компанијата „Фајзер“ уште во декември ја известила нашата Влада дека вакцини за земјите со под 2 милиони жители нема да има набрзо, сепак тоа не ги спречуваше политичарите од државниот врв постојано да го споменуваат името на американската компанија, велејќи дека нивните вакцини ќе пристигнат прво во јануари, потоа во февруари, за сега истото да се однесува на крајот на март.
Премиерот Зоран Заев и Министерот за здравство Венко Филипче, постојано ги повторуваа овие работи, дека прашање на денови е кога вакцините на Фајзер ќе пристигнат во земјата. Кинеските вакцини, како и вакцините од Руската Федерација, беа првпат споменувани кон крајот на месец јануари, па тоа остава еден месец празнина, во кој Властите не убедувале за пристигнување на вакцините од Фајзер, иако долго имале информација дека тие нема да стигнат. Фактот дека Фајзер дал известување уште кон крајот на декември дека нема да испорача вакцини во Македонија и други земји со под 2 милиони жители, беше потврден вчера од страна на претседателот Стево Пендаровски.
Претседателот Стево Пендаровски вчера гостуваше во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, каде посочи дека во комуникацијата со „Фајзер“ им било посочено дека предност имаат поголемите држави со стотици милиони жители и не разговараат со држави кои имаат под 2 милиони жители.
– Да споделам една коресподенција која јас и еден од нашите министри ја имавме со најголемата компанија „Фајзер“ пред Нова Година кога се обративме во седиштето. Прво не прашаа која е големината на потенцијалните консументи, и кога кажавме дека сме околу два милиони луѓе, разговорот брзо заврши. Рекоа дека во овој момент имаат неверојатно навалување на држави со стотици милиони жители, посочи Пендаровски.