Македонија 07. август 2018. / 15:05

Владата со странски пари ќе пропагира за референдумот, никаква транспарентност околу деталите

Владата со странски пари ќе пропагира за референдумот, никаква транспарентност околу деталите

Според неофицијалните информации, тајноста околу деталите е и поради тоа што обемот и интензитетот на кампањата ќе зависат и од ставот што ќе го заземе ВМРО-ДПМНЕ односно дали ќе повика на бојкот на референдумот или не.

Британски и американски експерти учествуват во подготовка на сеопфатна информативна кампања за референдумот што ќе ја спроведува Владата, а преку која јавноста ќе биде запознаена со придобивките од членството во ЕУ и во НАТО, кои следуваат со прифаќање на Договорот со Грција. Активности ќе имаат и пратениците, односно Собранието, но се ќе биде координирано од тимот во Владата составен од странските експерти и вработените во секторот за информирање. Од Владата засега не откриваат детали околу кампањата. Според неофицијалните информации, тоа се должи на факторот што обемот и интензитетот на кампањата ќе зависат и од ставот што ќе го заземе ВМРО-ДПМНЕ, дали ќе повика на бојкот на референдум или не.

Според неофицијалните информации, меѓу британските стручњаци за пропаганда кои се вклучени во подготовка на кампањата е и близок соработник на британската премиерка Тереза Меј. Пораките до граѓаните ќе се испраќаат преку најразлични канали, телевизија, билборди, социјални мрежи. Министрите исто така ќе имаат задача да ги интензивираат настаните на кои ќе зборуваат за придобивките од членството во ЕУ и НАТО. Преку најразлични активности во секојдневна комуникација со граѓаните ќе бидат вклучени и пратениците, кои како носители на иницијативата за распишување на референдум ќе објаснуваат зошто патот до ЕУ и НАТО единствено води преку прифаќање на Договорот со Грција. Во рамките на кампањата се планираат и музички хепенинзи. Од министерствата велат дека очекуваат неделава да добијат подетални информации околу тоа како тие ќе бидат вклучени во кампањата за референдумот.

Од Владата велат дека согласно Законот за референдум се уште ги дефинираат начините преку кои ќе се реализира кампањата од јавен интерес за информирање за прашањето кое го третира референдумот.

„Владата продолжува со секојдневното информирање на граѓаните за содржината на Договорот и за политиките поврзани со стратешките определби на Република Македонија. Активностите поврзани со кампањата за референдумот ќе се интензивираат преку различни канали веднаш по завршување на екот на годишните одмори. Кампањата ќе биде всушност сеопфатна информативна комуникација со граѓаните“, се вели во одговорот од Владата.