Македонија 10. јуни 2020. / 14:39

Владата сака мерки од експeртите, ама ако се по терк за изборни цели

Владата сака мерки од експeртите, ама ако се по терк за изборни цели

На утринската седница на Комисијата за заразни болести донесена е одлука да се повлече предлогот за повторно воведување полициски час во местата во Македонија каде што има најголем број заболени. Ваквата одлука доаѓа откако синоќа Владата не го прифати стручното мислење на Комисијата и го одби тој предлог.

Тој предлог нема да биде повторно разгледуван најмалку до петок со оглед на тоа што, како што објави „Сител“, следната средба на Комисијата е планирана за тогаш.

По ваквата „размена на мислења“ меѓу Комисијата и Владата се поставува прашањето која е причината што епидемиолозите го променија својот став за тоа како треба да се делува за спречување на ширењето на епидемијата на Ковид-19 во земјава. Дали можеби се сменило нешто во епидемиолошките показатели во земјава за Комисијата преку ноќ да ги смени својата проценка и мислење или, пак, станува збор за притисок од владејачките структури на кои не им одговара да има полициски час, за да може да го оправдаат ставот дека нема опасност од ширење на заразата.

Во однос на првичната можност, односно да има некакво нагло подобрување на епидемиолошките показатели, прашањето е кое би било тоа подобрување кога во земјава се регистрирани нови 125 заразени и седум починати за 24 часа. Тоа ја остава втората можност, односно таквата одлука е предизвикана од притисок на власта, за да може да се оправда дека нема потреба од продолжување на вонредната состојба, која истекува викендов, а со тоа и да се инсистира на брзи избори. Во насока на тоа доаѓа и изјавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој како едвај да дочека да има одлука за невоведување на полицискиот час и веќе претпладнево излезе во јавноста со изјава дека требало да има избори на 5. јули затоа што немало причини за продолжување на вонредната состојба.

А, за можниот притисок што членовите на Комисијата го трпат од власта за да донесуваат препораки и мерки со кои би се оправдале брзите избори, навести и последниот јавен настап на Претседателот на Комисијата, Жарко Караџовски. Тој, прашан дали чувствува одговорност за тоа што од почетокот на јуни практично секојдневно имаше по повеќе од 100 новозаболени на ден, во голема мера се огради од одлуките и мерките што се носат префрлајќи ја одговорноста кон министерот за здравство Венко Филипче и кон Владата, за кои посочи дека не секогаш го прифаќаат неговото и стручното мислење на Комисијата за заразни болести.

Министерот има опција моето мислење не го тангира и да каже: „вашето мислење го примив на знаење, но јас ќе пренесам нешто сосема друго“. Второ, Кризниот штаб може секоја наша одлука да ја преиначи или дополни. Пред дваесетина дена ние дадовме одреден предлог, два дена пред таа наша одлука да се преиначи од различни причини што ги знае главниот кризен штаб – изјави тогаш Караџовски.

Токму во овие зборови на Караџовски „причини што ги знае главниот кризен штаб“ прилично јасно навестува дека при носењето на одлуките и мерките, Владата не се ориентира според стручното мислење на епидемиолозите како да се заштити здравјето на граѓаните, туку според некои други свои политички интереси.