Македонија 16. декември 2020. / 21:43

Владата ја повтори разочараноста: Бугарија го потврди ветото, а ЕУ не ги одржа ветувањата

Владата ја повтори разочараноста: Бугарија го потврди ветото, а ЕУ не ги одржа ветувањата

Бугарија го потврди ветото, изневерeни се европските вредности и очекувањата на нашите граѓани – реагираа денеска од Владата преку писмено соопштение.

По повод денешните заклучоци на Комитетот на постојани претставници (КОРЕПЕР), Владата изразува разочарување што ЕУ не најде начин да донесе позитивна одлука за усвојување на Преговарачката рамка, што ќе овозможеше првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Северна Македонија да се одржи до крајот на 2020 година, за време на германското претседавање со ЕУ.

-За жал, се потврди ветото на Бугарија со кое не се дозволува почеток на преговорите на нашата земја во ЕУ, иако според сите извештаи на европските институции ние ги исполнивме сите критериуми за да се прифати преговарачката рамка и да се одржи првата меѓувладина конференција за да започнат преговорите. Ние испорачуваме, а ЕУ не ги одржа своите ветувања и во овој момент не го добиваме правилниот одговор. Бугарија и ЕУ ја повторуваат грешката во однос на Северна Македонија. Историската грешка во 2019 година, сега е огромна геостратешка грешка на ЕУ, велат од Владата.

Додаваат дека изневерени се оправданите очекувања на граѓаните, поттикнувани и охрабрувани од ЕУ и од земјите членки. Разнишана е довербата на голем дел од граѓаните на сите држави од Западен Балкан. Оваа грешка, велат од Владата, е мотивација за уште посериозна продирање на интересите на трети страни во срцето на Европа.

-Барањата на Република Бугарија не се изненадување, но нивната упорност на стојалишта кои немаат ништо заедничко со стратешки важното прашање за проширувањето на ЕУ, нема да ги променат нашите ставови дека за идентитетските прашања нема преговори, стои во пишаното соопштение.

Оттаму додаваат дека се поготвени да разјаснат одредени дилеми доколку има потреба за тоа, но позициите велат се познати и јавно потврдени: Ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик. За македонскиот идентитет не се разговара и не се преговара.

-Договорот со Бугарија е добар и нема потреба од нов договор или анекс на договор. Спремни сме за поактивна имплементација на договорот. Имаме дадено предлог акциски план за проекти меѓу двете држави кои можат да ја унапредат соработката во различни области (економија, инфраструктура, култура, образование, и друго), велат од Влада.