Осумнаесет невладини организации алармираа дека текстот на предлог-законот за управување со Охридскиот регион што беше презентиран на последниот комитет на УНЕСКО во Баку не е ист со оној кој се очекува да биде усвоен во Собранието.
Имено, додаден е член кој предвидува примена на т.н. Бадентеровото мнозинство (двојно мнозинство) при носење на препораките и мислењата на Советот за Охридскиот регион.Советот за Охридскиот Регион ќе има 15 членови, главно експерти од областа за заштита на природата, но со Предлог-законот што е во Собрание накнадно е вметнато во Советот да членува и еден надворешен претставник на предлог на новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците на чие чело е Садула Дураки.
Невладините предупредуваат дека тоа отвора простор за носење штетни одлуки и понатамошно уништување на единственото УНЕСКО подрачје во земјата и бараат да се врати законскиот предлот од ноември 2018 година.
Бадентеровиот принцип на донесување одлуки се воспостави за да се избегне надгласувањето на помалите етнички заедници за сметка на мнозинството во претставничките тела, како Собранието и советите на локалната самоуправа, каде избрани претставници носат одлуки во името на граѓаните.Но во овој случај тоа е апсурдно.
Со членот 8, став 15 од Предлог–законот е уредено едека членовите се бираат според нивната функција, односно позиција во одредена релевантна институција, а не согласно принципот на Бадентер, од што произлегува дека не мора да значи дека нејзиниот состав ќе ја одразува етничката структура на државата, додаваат невладините.