Владата на Република Северна Македонија на денешната седница, со која претседаваше премиерот Заев, донесе одлука со која се предлага на Владата да разреши, отповика или да препорача разрешување односно отповикување на директори на јавни претпријатија и установи, на акционерски друштва во државна сопственост, на совети и на управи.
Во прилог на ова соопштение е листата за разрешување во надлежност на Владата на РСМ, како и листата со препораки за разрешување до министри, управни или надзорни одбори.
На оваа седница Владата донесе одлуки и за препораки до Управни и надзорни одбори за избори на нови членови, па така на НО на АД Електрани на Северна Македонија му е препорачано Васко Ковачевски да биде избран за Член на УО, кој ја извршува функцијата Генерален директор.
Владата на Република Северна Македонија му препорачува на Надзорниот одбор на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација (М – Нав) АД Скопје, за член на Управниот одбор да го избере Александар Палчевски, на претставникот на акциите и на уделите во сопственост на Владата во АД „11 октомври – Еурокомпозит“, му препорача да го отповика Златко Граороски од должноста Прв извршен член на Одборот на директори и Генерален директор, и на тоа место да го именува Милан Тоцев.
За член на Инспекцискиот Совет денеска е именуван Керамедин Селими, откако на денешната седница беше разрешен од оваа должност Горан Симоновски.