Македонија 18. март 2020. / 19:31

Владата донесе 13 нови одлуки за превенција од корона вирусот

Владата донесе 13 нови одлуки за превенција од корона вирусот

Владата на денешната 22 редовна седница предложи Собранието да утврди постоење на вонредна состојба заради спречување на внесување, и ширење и справување со корона вирус и донесе 13 дополнителни мерки.

Усвоени се информацијата и заклучоци за користење на средства од Развојна банка на Република Македонија за поддршка на претпријатијата погодени од состојбата со Kорона вирусот.

По разгледување на Записникот од Третиот состанок на Главниот координативен кризен штаб во врска со спречување на внесување и ширење на корона вирус, одржан денеска, Владата ги донесе следниве заклучоци:

1. Се задолжува Министерството за надворешни работи и Министерството за здравство, да ги споделат сите информации, списоци, листи на наши државјани кои се затечени на граничните премини надвор од Република Македонија, а во моментов организирано или поединечно се упатуваат/враќаат од овие држави кон Република Македонија.

2. Се задолжува Министерството за внатрешни работи на секое лице кое ги напушта границите на Република Македонија, да му даде да потпише лична изјава со која ќе се обврзе во наредните три месеци да не се врати назад во Република Македонија.

За оваа цел, се задолжува Министерството за надворешни работи да подготви терк на изјава.

Исклучок од ова се возачите на товарните моторни возила кои секојдневно преминуваат граничен премин од и во Република Македонија или граѓани кои ги напуштаат границите поради здравствени причини или лекување во странство.

3. Сите производствени капацитети на подрачјата на општините Дебар и Центар Жупа на кои постои кризна состојба, да го организираат својот работен тек и процес, како и влез и излез во овие подрачја, согласно посебен режим и протоколите на Министерството за здравство, по примерот на фабриката Кнауф Радика АД.

4. Се задолжува Министерството за внатрешни работи и Царинската управа на Република Македонија да стапат во контакт со АД Пошта, со цел да постапуваат согласно протоколите за превоз и транспорт за непречено спроведување на размена на пошта на меѓународниот поштенски сообраќај, потврдени со Министерството за здравство.

5. Се задолжува министерот за транспорт и врски, м-р Горан Сугарески, да стапи во контакт со директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, со цел да се реши проблемот со дозволите и протокот на премин на граничните премини во Република Македонија за македонските возачи на товарните моторни возила.

6. Се задолжува Мила Царовска, заменик на претседателот на Владата на Република Македонија да преземе активности и координација помеѓу Министерството за економија, Царинска управа на Република Македонија и стопанските комори, за да се разгледа можноста по предлогот на Министерството за здравство кој се однесува за сите медицински помагала и потрошниот медицински материјал кој се увезува во Република Македонија за потребите за справување со моменталната ситуација, да се ослободат 100% од царинските давачки.

7. Се задолжува Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство согласно протоколите и проценките од стручните лица на Министерството за здравство да преземат соодветни мерки и активности кон лицата кои во текот на денешниот ден ќе слетаат на Меѓународниот Аеродром Скопје со чартер лет од Република Германија.

8. Се задолжува Министерството за внатрешни работи – ОВР Шуто Оризари да ги интензивира теренските контроли на територијата на општината во функција на спречување од организирање на групни собири.

9. Се задолжува Министерството за надворешни работи, преку дипломатско – конзуларните претставништва во Република Македонија да направи проценка за тоа колку државјани на земјава се надвор од државата, а бараат да се вратат во државата и врз основа на оваа проценка да се оствари контакт со „Визер“, со цел преку чартер лет организирано да се вратат во Македонија. Ова да биде последна преземена мерка од Владата на Република Македонија кон државјаните кои се надвор од границите на Републиката.

10. Се задолжува Фондот за здравственото осигурување, да ги интензивира контролите и надзорите кон ординациите на матичните лекари, имајќи предвид дека има зголемена појава на затворање на овие ординации.

11. Се задолжува Министерството за здравство да стапи во контакт со приватните производствени капацитети кои имаат можност и доставено понуда до Министерството за здравство за производство на заштитни маски.

12. Се задолжува Министерството за здравство да стапи во контакт со приватните здравствени болници, со цел согласно нивните можности да се ослободат нивните здравствени капацитети за потребите на Министерството за здравство во спроведувањето со настанатата ситуација и преку соодветен правен инструмент (договор за соработка, меморандум и сл) да ги дефинираат начинот, условите, критериумите и обврските на двете страни.

13. На предлог на Царинската управа, се задолжува Агенцијата за храна и ветеринарство да отстапи две пумпи за потребите на Царинската управа на граничните премини.“

На оваа 22-та седница, Владата ја разгледа и усвои информацијата за користење на средства од Развојна банка на Република Македонија за поддршка на претпријатијата погодени од состојбата со Корона вирусот со предлог одлука.