Владата на денешната седница треба да објави колку средства ќе одделат министерствата за кампањата за претстојниот референдум за Договорот меѓу Македонија и Грција. Досега само Министерстото за одбрана објави дека за референдумот ќе одвои околу 60 милиони денари, односно околу еден милион евра.
Од другите министерства нема информации кој колку средства ќе пренамени за оваа цел, иако вчера истече рокот за да достават информации до Министерството за финансии, за средствата што ги имаат на располагање, што би можеле да се пренаменат за кампањата за референдумот.
Владиниот портпарол Муамет Хоџа во средата изјави дека Владата на наредната седница ќе донесе конкретен план и програма за одвивање на целата кампања за референдумот, вклучително и за средствата што ќе се потрошат за таа намена.
Кампањата ќе биде информативна, а целта е на граѓаните да им се објаснат придобивките од договорот со Грција. Во текот на целиот процес ќе се почитува принципот на отчетност и транспарентност.
Во текот на следната недела се очекува да бидат соопштени и информации за тоа дали и како пратениците и пратеничките групи ќе учествуваат во јавната пропаганда за референдумот, но и тоа дали Собранието, како овластен предлагач, со свои претставници ќе ја набљудува работата на изборните органи што ќе го спроведуваат референдумот на 30 септември.