Македонија 22. април 2020. / 08:52

Денеска ќе се одлучува за полициски час од 19 часот, но и за задолжително носење на маски

Денеска ќе се одлучува за полициски час од 19 часот, но и за задолжително носење на маски
Фото: МИА

Владата денеска ќе одлучува по предлогот за намалување на полицискиот час од од 19 до 05 часот како и за задолжително носење на маски. Предлози кои надлежните во земјава ги најавија со цел постепено ублажување на воведените мерки за заштита од корона вирусот.

Предлогот е да се направат следните измени: полицискиот час секој работен ден да започнува во 19 часот наместо во 16 часот, како што беше досега. Со ова ќе се добијат дополнителни часови граѓаните да ги завршат обврските и да набават намирници, за повозрасните граѓани наместо од 10 до 12 часот да продолжи времето на движење од 8 часот до 12 часот, продолжување на периодот во кој се движат младите до 18 години и тоа ќе биде од 13 до 16 часот.

Предлог е полицискиот час за време на викендот да остане, но со скратено време и сега да почне во сабота во 13 часот и да заврши во понеделник во 5 часот.

Останува забраната за групирање на граѓаните и сите други мерки што се во сила во однос на физичката дистанца, користењето на јавните површини и парковите.

-Мерките мора да останат во сила се додека не сме сцелосно сигурни дека состојбата е под контрола и дека сме го поминале пикот на болеста. Сепак, најновите анализи и проекции покажуваат дека се создадени услови за благо релаксирање на рестрикциите за движење, но на сметка на подигнување на мерките на лична заштита, истакна вчера на онлајн прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Паралелно со ова релаксирање на мерките, се планира воведуваање нови задолжителни мерки со кои граѓаните ќе треба да носат лична заштитна опрема на лицето при движење во затворени објекти и на отворено во ситуација кога нема да бидат во можност да се одржи препорачаната физичка дистанца од два метра.

Исклучок за носење заштитна опрема на отворено се прави само ако лицето носи заштитна опрема на работа која е пропишана со работното место како погони, фабрики…, ако престојува во двор на семејна куќа, вози велосипед или спортува на отворено и ја држи потребната дистанца од два метра и не го прави тоа во групи согласно постојните рестрикции. При возење во патничко моторно возила со лица со кои лицето живее во заедница или домаќинство или при движење на јавни места и површини од отворен тип и целосно го одржува дозволеното минимално растојание од најмалку два метра.

Под заштитна опрема за лице се подразбира каква било форма која ќе го покрива пределот на носот и устата како маска за еднократна или повеќекратна употреба или марама или шал или слично што може да ја прекрие устата и носот во насока на спречување на ширењето на коронавирусот.

Министерот за здравство истакна дека уште не сме влезени во периодот кога пикот на најмногу заразени пациенти со корона вирусот е поминат. Според него, останува прогнозата дека врвот на епидемијата се очекува на крајот на месецот април или почетокот на мај.

Пред два дена, техничкиот премиер Оливер Спасовски најави почеток на враќање на процесот во нормала по првомајските празници.