Македонија 20. јануари 2020. / 09:15

Владата бара одговорност и соработка околу законот за обвинителство, партиите и натаму се препукуваат

Владата бара одговорност и соработка околу законот за обвинителство, партиите и натаму се препукуваат

Премиерот во техничката влада, Оливер Спасовски, ги повика партиите да покажат одговорност и соработка околу  законот за јавно обвинителство затоа што се работело за прашање од висок државен интерес.

Од СДСМ и вчера со став дека има можност да се донесе законот до распуштање на Парламентот, а доколку е потребно и да се одржи лидерска средба. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека прво е неопходно усогласување на ставовите на работните групи, а потоа, ако е потребно, да има лидерска средба.

Премиерот Спасовски од Кочани порача дека е неопходна соработка на сите вклучени страни во процесот.

– Да разговараме и да изнајдеме решение со цел да ги оствариме нашите национални интереси, а тоа и членството во НАТО и во Европската Унија – изјави Спасовски.

Лидерот на владејачката СДСМ Зоран Заев останува оптимист дека Парламентот ќе ги донесе до 12 следниот месец сите неопходни законски решенија, меѓу кои и законот за јавното обвинителство за кој е неопходно двотретинско мнозинство. Останува на ставот да присуствува на лидерска средба доколку се наметне потреба за тоа.

– Тука сум на располагање да разговарам со сите за да изнајдеме решение. Сега сме растеретени затоа што предметите од СЈО се обезбедени, се во судска постапка под контрола на државниот јавен обвинител. Вака растеретени можеме во Парламентот да договориме структурно, суштинско решение за јавното обвнителство што би било поддржано од сите – изјави Заев, додавајќи дека верува оти ќе се најде двотретинско мнозинство.

Лидерската средба, ако има потреба од неа, според Заев, треба да се одржи поскоро бидејќи потоа би следувале процедурите во Парламентот, комисиска расправа, пленарна седница….

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски пак смета дека прво треба да се усогласат ставовите на работните групи, а дури потоа да се одржи лидерска средба.

– Ова што е предложено од СДСМ е закон што треба во иднина да ги штити криминалните структури на СДСМ што после 12 април ќе заминат во опозиција. Така што ако треба да се одржи средба само ради реда, немам намера да го губам времето. Тука се работните групи, во неделата што следи претпоставувам дека ќе имаат состанок и доколку ги приближат ставовите тогаш можеме да зборуваме за одржување лидерска средба – изјави Мицкоски.

Законот за јавно обвинителство остана камен на сопнување меѓу власта и опозицијата. Подолг временски период не постои усогласеност меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Работните групи од двете партии неколкупати се обидуваа да ги доближат ставовите, но неуспешно.

По доаѓањето на еврокомесарот Оливер Вархеј минатата недела и неговото уверување дека сегашниот парламентарен состав ќе му даде приоритет на овој закон, повторно се актуелизира ова прашање.