Македонија 05. март 2021. / 18:45

Влада: Нема барање од Софија за бугарската етничка заедница да биде вметната во нашиот Устав

Влада: Нема барање од Софија за бугарската етничка заедница да биде вметната во нашиот Устав

Министерот за надворешни работи Бујар Османи синоќа во емисијата „Клик плус“ на ТВ21 изјави дека Бугарите во земјава треба да се чувствуваат како слободни граѓани, кои ќе ги имаат сите права.

„Бугарите во Северна Македонија треба да се чувствуваат како апсолутно слободни граѓани кои може да се организираат како колективна заедница, и ќе ги имаат сите права, па ако треба и нивно споменување во Уставот“, вели Османи додаде дека од Бугарија сепак не побарале такво нешто.

Од Владата за „Независен“ велат дека Македонија е граѓанска држава и нашиот устав ги гарантира правата на сите граѓани без оглед на нивната етничка припадност.

Во изјавата се додава дека досега во преговорите со Република Бугарија не е разговарано бугарската етничка заедница да биде вметната во нашиот устав и нема такво барање од бугарските власти.

„Етничката разноликост е тоа што ја прави земјава препознатлива во светот и со што треба сите да се гордееме. Владата секогаш ќе презема проактивни активности кои се во функција на јакнење на правата на секој поединец или група“, велат од Владата.

Претседателот Пендаровски пак „во овој момент не гледа никаква потреба за какви било измени на Уставот“. Шефот на државата нагласува дека „усвојувањето и евентуалните амандмани на Уставот се исклучиво наше суверено право и надлежност“.