Македонија 12. декември 2020. / 22:43

(ВИДЕО) Захариева: Скопје се надева на притисок од Вашингтон и Берлин, но Бугарија нема да попушти

(ВИДЕО) Захариева: Скопје се надева на притисок од Вашингтон и Берлин, но Бугарија нема да попушти

Бугарија нема да и каже ДА на Македонија се додека во преговарачката рамка не види гаранции дека официјално Скопје ќе ги исполни сите точки од Договорот за добрососетство. Ова го порача вицепремиерката Екатерина Захариева, одговарајќи на прашањата во едно телевизиско интервју.

Захариева обвини дека откако Македонија станала членка на НАТО, воопшто не била посветена на исполнувањето на точките од Договорот за добрососетство. Дури и обвини дека намерно се одолговлекува работата на мешовитата комисија.

Вицепремиерката на нашиот источен сосед дури порача дека тие нема да потклекнат под никаков притисок и нема да се откажат од националните интереси.

-Ако видиме гаранции во преговарачката рамка, Бугарија е секогаш подготвена да каже ДА. Но, не под притисок. Тие се надеваат на притисок, меѓудругото, според мене госпидине Василев. Тие навистина се надеваат, дека некој, не знам кој, Вашинготон, Берлин, ќе наложи, ќе дојде ќе ја искара Бугарија и Бугарија ќе заборави националниот интерес и ќе каже ДА без тие да направат ништо, рече Захариева.

Иако целиот свет доби впечаток дека Бугарија сака да го смени македонскиот идентитет и македонскиот јазик, за што беше и прашана од водителот на емисијата, Захариева вели дека сето ова е измислено и започнато во Скопје како лажни вести и дезинформации.

Пред два дена во Софија беше и специјалниот претставник на Македонија во преговорите Владо Бучковски. Однесе нон-пејпр со кој официјално Скопје гарантира дека нема никакви територијални претензии и дека ќе се залага за почитување и реализација на Договорот.

Но, ниту ова не е доволно за Софија. За оваа година европската приказна за Македонија е завршена. Иако од бугарска страна инсистираат дека тоа не е вето, сепак е јасно дека токму поради нивната блокада, нема да се одржи првата меѓувладина седница и нема да има старт на преговорите. Иако во 2021 ќе има повторен обид, сепак со ваквите ставови од Бугарија, веќе никој не се осмелува да каже дека Македонија ќе ги почне преговорите, особено откако стана јасно дека проширувањето, сега не е високо на агендата на Европската унија.