Македонија 27. септември 2018. / 17:40

(Видео) Заев со завршно обраќање до граѓаните: Го имате клучот за европска иднина

(Видео) Заев со завршно обраќање до граѓаните: Го имате клучот за европска иднина

В недела ќе се соочите со историска одлука. Треба да направите избор. Запаметете, тоа не е избор меѓу две политички партии. Тоа е избор за вашата иднина, за иднината на вашите деца.

Тоа е избор за иднината на нашата сакана Македонија, вели премиерот Зоран Заев во своето завршно обраќање по повод референдумот на 30 септември, направено во Крушево пред споменикот „Македониум“.

„Овој споменик нè потсетува дека македонскиот народ секогаш го правел вистинскиот избор: Во 1903 година за време на Илинденското востание. Во 1941 година во Народноослободителната борба кога застана рамо до рамо до прогресивна Европа против фашизмот. На 8 септември во 1991 година со глас на референдумот донесовме одлука за слободна, независна и суверена Република Македонија. Од тогаш наваму не се остварија сите наши стремежи, нашиот сон за европска Македонија и земја членка на НАТО“, истакнува премиерот.

Сепак, тој додава дека остварувањето на тој сон, на тој стремеж, е многу блиску.

„На 30 септември секој од нас треба да стави тула во изградбата на подобра македонска иднина – да помогнеме да станеме земја членка на најмоќниот безбедносен сојуз – НАТО, и рамноправна земја во најсилната економска заедница во светот – Европската Унија. Вие, граѓаните, го имате клучот да ја направите нашата држава членка на европското семејство“, вели Заев.

Тој наведува дека треба да се направи отстапка и да се прифати географска одредница кон името Македонија, но додава дека идентитетот на македонскиот народ никој повеќе нема да може да го порекне.

„Гордата македонска земја доби целосно признавање на нашиот македонски народ, нашиот јазик, нашето наследство. Нашиот македонски јазик е заштитен. Нашиот македонски идентитет е обезбеден засекогаш. Химната и знамето остануваат исти и заштитени. Ние сме Македонци и секогаш ќе бидеме Македонци! Затоа, јас ќе гласам. За доброто на нашите деца. За мирна и безбедна земја во која Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Бошњаците, Власите и сите наши етнички заедници живеат добар и просперитетен живот“, вели премиерот во обраќањето.

Тој ги повика македонските граѓани да гласаат и со својот глас да ја одредат насоката по која ќе тргне Македонија.