Македонија 18. октомври 2018. / 17:52

(Видео) Заев: Сеуште имам надеж дека ќе обезбедиме двотретинско мнозинство

(Видео) Заев: Сеуште имам надеж дека ќе обезбедиме двотретинско мнозинство

Не губам надеж дека ќе се најдат сили за љубов кон татковината да обезбедиме двотретинско мнозинство во Парламентот за уставните измени, изјави премиерот Зоран Заев.

„Јас верувам. Јас сум верник човек. Некогаш и чуда се случуваат. Гледате, транспарентни сме до крај. Дебатата е отворена, навистина прифативме многу иницијативи коишто дојдоа од пратениците. Но еве, она во што јас верувам до утре, секако, е дека ќе се најдат сили, ќе се изнедри енергија, ќе се собере храброст, ќе се сплоти одговорност, за да се добие минимум двотретинско мнозинство, и да се даде пас на отпочнување на постапката за уставните промени“, изјави Заев на настанот посветен на 70 години од одбележување на Интернационалниот ден на кредитни унии и јубилеј од 20 години работење на штедилница ФУЛМ.

Заев рече дека вчера телефонски разговарал со грчкиот премиер, Алексис Ципрас, и рече дека и двајцата остануваат посветени на спроведување на договорот од Преспа.

„Тој ме информираше за случувањата во Грција, но рече дека целосно останува посветен, дека ја презема дури и позицијата министер за надворешни работи, со цел да се реализира договорот од Преспа. Јас сум среќен поради целосната посветеност на Република Грција на овој договор, можам да ја потврдам и целосната наша посветеност. Не губам надеж дека утре Парламентот ќе најде сили, ќе се одважат и ќе се охрабрат пратениците коишто пред сè се претставници на граѓаните, а по тоа на политичките партии“, рече Заев.