Македонија 15. септември 2018. / 19:49

(Видео) ВМРО-ДПМНЕ: Кривична пријава против Заев за поткуп на гласачи

(Видео) ВМРО-ДПМНЕ: Кривична пријава против Заев за поткуп на гласачи

Бидејќи републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, до вчера не најде за потребно да постапи по допрен глас и да отвори соодветна постапка, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против Зоран Заев за поткуп на гласачи, изјави Димитар Димовски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

„Поминаа неколку дена откако премиерот Зоран Заев, отворено на митинг повика бизнисмените со пари да ги мотивирале вработените да гласаат на референдумот, посочувајќи една компанија чиј сопственик веќе му ветил дека ќе го стори тоа. Во правна држава, за да се тргнат сите сомнежи околу регуларноста на гласањето, премиерот Зоран Заев досега ќе беше повикан на разговор и против него ќе имаше истрага. Досега ќе беше повикан и сопственикот на компанијата, а ќе се собираа искази и од вработените за кои постојат искази, изјави дека се соочуваат со невидени притисоци. За жал, Јавното обвинителство на Република Македонија не реагира по допрен глас“, рече тој.

Толкувањата, додаде Димовски, на кривичниот закон се јасни. „Дури и самото нудење, ветување, или барање поткуп преставува довршено кривично дело, иако не дошло до примање на подарокот или остварувањето на друга лична корист“, дода тој.

Димовски рече дека на видеото се гледа како Зоран Заев јавно кажува дека сопственикот на странската компанија „Минстрој“, побарал од работниците да гласаат на референдумот и затоа им ветил дека ќе им даде парична награда доколку го сторат истото.

„Таквото незаконско постапување и дејствија на претседателот на Владата Зоран Заев, за што постои и видеозапис, содржат низа елементи на повеќе кривични дела и тоа: Повреда на слободата на определување на гласачите (чл.160 од КЗ) и поткуп при избори и гласање (чл.162 од КЗ). ВМРО-ДПМНЕ очекува Јавниот обвинител Љубомир Јовески, согласно правата и обврските, веднаш, да поведе постапка за проверка на наводите и да ги преземе сите понатамошни мерки за спречување на ова кривично дело од страна на Зоран Заев, претседател на Владата на Република Македонија“, рече Димовски.