Македонија 23. јануари 2019. / 15:41

(ВИДЕО) Влатко Ѓорчев: Покажав дека имам срце за Македонија – се кандидирам за претседател на државата

(ВИДЕО) Влатко Ѓорчев: Покажав дека имам срце за Македонија – се кандидирам за претседател на државата

Пратеникот Владимир Ѓорчев денеска јавно објави дека поднесе кандидатура до конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, на која ќе се бира кандидат за претседател на државата.

Како што ексклузивно објави „Лидер“, Ѓорчев на прес-конференција ги сподели своите намери да стане претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните претседателски избори.

– Има моменти во животот кога човек треба да го искористи целото свое знаење, целото свое искуство, сите свои познанства, сето она што го направил во функција на државата и народот. Не можеме и не смееме да си дозволиме уште три години како оваа. Македонија губи, Македонија назадува, Македонија се тенчи. Не се добри состојбите во Република Македонија. Од тие причини објавувам и кажувам дека се кандидирам за претседател на Република Македонија. – соопшти Ѓорчев на почетокот од конференцијата.

Потоа тој образложи дека многу добро ја познава Македонија и дека во наредните три месеци ќе го посети секој дом и ќе ја побара довербата од граѓаните.

– Оваа апсолутистичка власт која е дефинирана како хибриден режим од лондонски Економист треба да има баланс. – кажа Ѓорчев и додаде дека власта на СДСМ и Зоран Заев не смее да ги узурпира сите институции во државата и дека мора некој да им се спротистави и да им даде рамнотежа, а тоа е претседателот на државата.

Пратеникот кажа дека е мотивиран повеќе од било кога да се пријави за претседателски кандидат и им се заблагодари на сите кои што му дадоа поддршка.

– Директно им порачувам на сите кандидати на СДСМ: На 21 април ве чекам јас, но ве чекаат и најмалку 500 илјади граѓани на Република Македонија. – порача Ѓорчев и најави убедлива победа.

Претседателскиот кандидат им се обрати на сите граѓани, без разлика на етничката припадност, да го поддржат за Македонија, заедно, да ја направат подобро место за живеење.

– Се викам Владимир Ѓорчев, имам 40 години и се кандидирам за претседател на Република Македонија. – истакна Ѓорчев.