Македонија 18. декември 2018. / 12:17

(ВИДЕО) Средба Заев-Саливан: Македонија е клучен фактор во регионот за стабилна и безбедна Југоисточна Европа

(ВИДЕО) Средба Заев-Саливан: Македонија е клучен фактор во регионот за стабилна и безбедна Југоисточна Европа

Премиерот Зоран Заев и заменик-државниот секретар на САД Џон Саливан по средбата во Владата одржаа заедничка прес-конференција.

Саливан ја пренесе силната американска поддршка за Договорот од Преспа кој го отвора патот на Македонија да го заземе заслуженото место во ЕУ и НАТО, изјави тој на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Зоран Заев.

-САД се залагаат за стабилна и безбедна Југоистона Европа, а Македонија е клучен фактор во регионот за постигнување на таа цел – порача Саливан.

Тој искажа пофалби за премиерот Заев и за шефот на дипломатијата Никола Димитров, како и за пратениците кои ги поддржаа уставните измени. Ги повика и другите парламентарци да дадат поддршка и да ги тргнат настрана теснопартиските цели и да ги следат националните интереси.

– Вашите гласови ја ставија вашата земја на патотот на сигурна и просперитетна иднина. Како продолжува процесот во Собранието ги поттикнуваме повеќе пратенции да ги остават на страна партиските интереси и да останат фокусирани на заедничките стратешки цели. Нема друга алтернитава, надежите за посветла иднина за вашата земја ви се на дофат – истакна Саливан.

Премиерот Заев оцени дека посетата на заменик државниот секретар е уште еден доказ за постојаната и континуирана поддршка на САД на Република Македонија.

Заев нагласи дека главните стратешки цели на Македонија остануваат членство во ЕУ и НАТО. Порачна дека Македонија е посветена на регионалната соработка и се залага за силен и стабилен Балкан со поддршка на ЕУ и САД.

– Во Република Македонија создаваме услови за политички амбиент што ќе ја овозможи реализацијата на Договорот од Преспа во целост и дека ризиците ги сведуваме на минимум, а успешната завршница во Собранието е нашиот билет да влеземе во НАТО – рече Заев.

Тој додаде дека Владата останува посветени на реформите за да се испорачаат кредибилни резултати и да се потврди одлуката за отворање на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.

На новинарско прашање, дали можеби гледа руско влијание во честите непријателски изјави кон Македонија во последно време, Саливан рече дека не е тајна и не е изненадување за никого дека Русија се противи и на Преспанскито договор и на членството на Македонија во НАТО.

-Горд сум што сум тука како претставник на САД и на американскиот народ, во поддршката на одлуката што ја донесоа политичките лидери и граѓаните на оваа Македонија. Тука сме да ја поддржиме одлуката донесена под храброто лидерство. Не е непознато дека Русија се противи на Преспанскиот договор и нема сомнеж дека ќе направи се во сопствен интерес наспроти интересот на македонските граѓани, да го поткопа процесот на спроведување на Договорот. Но САД ја поддржуваат Макодонија и легитимната и демократска одлука. Руското влијание е видливо и во други делови на светот, како и во избрите во САД во 2016. Ќе ги поддржиме сите влади во разоткривање на сите сите активности со кои Русија се обидува да го поткопа процесот – рече Саливан.

Саливан кој престојува во еднодневна посета на Македонија, треба да има средби и со претседателот Ѓорге Иванов, со претседателот на Собранието Талат Џафери и со координаторите на пратеничките групи. Тој веќе се сретна со министерот за надворешни работи Никола Димитров, на која Саливан истакнал дека целта на неговата посета е да ја реафирмира американската поддршка на историскиот пат на интеграцијата на Република Македонија кон ЕУ и НАТО.