Македонија 02. февруари 2021. / 17:53

(ВИДЕО)Средба Николоски – Пина: Загрижувачки високото ниво на корупција во Македонија

(ВИДЕО)Средба Николоски – Пина: Загрижувачки високото ниво на корупција во Македонија

Денеска остварив средба со амбасадорката на Португалија, Марија Виргина Пина која што е задолжена и за Република Македонија, изјави денеска за медиумите, Александар Николоски претседателот на Националниот совет за евроинтеграции и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Португалија претседава со ЕУ од први јануари оваа година во следните шест месеци. И е вонредно означена за Македонија. Затоа што треба да се направи напор во рамки на португалското претседателство, Македонија конечно да ги почне преговорите за членство со ЕУ, вели тој.

– Со амбасадорката разменивме мислења околу актуелната политичка и економска ситуација во Македонија, и ја информирав за загрижувачки високото ниво на корупција во Македонија, кое што е отсликано и во последниот Извештај на Транспаренси Интернешнл, каде што Македонија се наоѓа најниско во својата историја на 111-тото место. Исто така ја информирав за застојот во реформите, како за здравствената и економска криза со која што се соочува Македонија, вели тој.

Николоски посочи дека ја информирал амбасадорката и за работата на Националниот Совет за евроинтеграции, каде што е тој претседател, како едно тело во кое што треба да се обединат сите клучни политички фактори во европските интеграции на Македонија.

– Она за што исто така ја информирав амбасадорката е немањето конкретна волја на власта да спроведе и да реализира реформи, како и затскривањето позади одредени потези на власта кои што само сугерираат за жал криминал и корупција. Тоа што би сакал да го нагласам е дека е мое задоволство што сум прв политичар од Македонија кој што има средба со амбасадорката откако Португалија претседава со ЕУ. Сметам дека ова е еден значаен чекор, дека е уште една можност ВМРО-ДПМНЕ и јас лично да ги покажеме нашите приоритети, и се надевам дека е поттик за власта да остварат подобри контакти со Португалија и со нивната амбасадорка. Затоа што сметам дека мора да се искористи португалското претседателство и да создаваме пријатели како држава кои што како пријатели ќе ни помагаат на овој европски пат, истакна тој.

Вели со амбасадорката размениле мислења и за регионалниот контекст, за условувањата кои што Македонија ги има од Бугарија.

Нагласив дека не може и нема да има разговори за македонскиот национален идентитет, за засебноста на македонскиот јазик, македонскиот народ и македонската култура, тоа се основни столбови на македонската држава и за истите не може да има разговори. Се надевам да го продолжиме овој конструктивен дијалог со амбасадорката Марија Виргина Пина и се надевам дека за скоро време ќе го посети и Скопје, каде што ќе можеме да ги продолжиме овие разговори, додаде Николоски.