Македонија 08. јуни 2020. / 18:15

Видео средба на министерот Димитров со словенечкиот колега

Видео средба на министерот Димитров со словенечкиот колега

Министерот за надворешни работи Никола Димитров остварил видео средба со словенечкиот министер за надворешни работи, Анже Логар, на која се заблагодарил за континуираната и безрезервна поддршка на Словенија во процесот на интеграцијата во Европската Унија и НАТО.

Министерот Димитров изразил благодарност за најавите од словенечка страна дека проширувањето на ЕУ со земјите од нашиот регион ќе биде високо меѓу приоритетите за време на нивното претседавање со Советот на ЕУ во втората половина на 2021 година.

Воедно, министрите размениле мислења за севкупните билатерални односи кои се карактеризираат со интензивна динамика и тенденција за нивно продлабочување и збогатување со нови содржини во сите области од заемен интерес. 

Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните состојби во двете земји во врска со справувањето со пандемијата Ковид-19, искуства во процесот на справување со оваа тешка здравствената криза, како и за економските последици од истата. Притоа, изразена беше волја за натамошна соработка и координација на активностите и справувањето со пандемијата – се наведува во соопштението.

Министерот Логар нагласил дека одлуките во поглед на мерките кои важат при влез во Словенија на лица од трети земји ги носат исклучиво врз основа на епидемиолошката слика, која се следи на дневна основа. Следствено изразил уверување дека последната одлука во однос на потребата од изолација при влез во Словенија на лица кои патуваат од Македонија, би се променила веднаш штом дојде до промена во позитивна насока, за што изразил желба да се случи што поскоро.