Македонија 22. јануари 2021. / 07:07

(ВИДЕО) Што им ветуваше Зоран Заев на родителите на убиените кај Смилковско Езеро

(ВИДЕО) Што им ветуваше Зоран Заев на родителите на убиените кај Смилковско Езеро

Доживотен затвор за Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ за делото тероризам и максимални казни за Фејзи и Хаки Азири, кои се обвинети за помагање во петкратното убиство кај Смилковско Езеро во 2012 година, побара обвинителката Фатиме Фетаи во завршните зборови за „Монструм“.

Максималните казни што ги посочи таа за двајцата обвинети се 15, односно 9 години затвор. Претходно, за еден од обвинетите, Сами Љута, таа побара ослободителна пресуда бидејќи посочи дека нема докази за негова инволвираност.

Обвинителката во завршните зборови потенцираше дека и покрај тоа што премиерот Зоран Заев, кој од позиција на лидер на тогашната најголема опозициска партија, јавно зборуваше дека прислушуваните разговори ќе ја откријат вистината за „Монструм“, се отфрлија сомнежите дека постои друга вистина, на која, на еден начин, беше навлечена јавноста.

-Ниту прислушуваните материјали, ниту неговото сведочење, не ја сменија вистината во „Монструм“, истакна Фетаи.

Откако им ветуваше дека ќе ја дознаат вистината за она што се случувало кај Смилковско Езеро на Велики четврток, кога загинаа нивните чеда, Зоран Заев ги сруши очекувањата на родителите на убиените момчиња.

Родителите на жртвите неколкупати апелираа до судијата Огнен Ставрев, Заев да се најде на листата сведоци, за конечно да се соочат со него. Таткото на едно од убиените момчиња го обвини Заев дека откако склучил коалиција со ДУИ, тој манипулира со доказите кои што можат да доведат до вистината за „Монструм“.

-Кога бевме кај Заев рече дека ќе ни даде 6 разговори државна тајна за 6 функционери на ДУИ. Но, подоцна тие станаа 5. ДУИ тогаш беше нивни противник. Заев ни ги покажа транскриптите, ни го посочи Невзат Бејта и ни покажа транскрипт од разговор меѓу Невзат Бејта и обвинетиот Фејзи Азири. Не го исполни ветувањето, од политички причини не ни ги даде тие 5 државни тајни, рече Горан Наќевски, татко на едно од убиените момчиња.

Во едно од ретките интервјуа, Наќевски за „Алфа“ вели и дека токму поради овој политички пазар, Заев е поголем монструм и од убијците.

За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење. Потоа повторно беше дадено на ОЈО.