Македонија 03. октомври 2018. / 15:14

(Видео) СДСМ: Почната е постапка за исклучување на Боро Стојчев од партијата, очекуваме и негова оставка

(Видео) СДСМ: Почната е постапка за исклучување на Боро Стојчев од партијата, очекуваме и негова оставка

Во врска со градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев, којшто сега е вратен на функцијата, денеска од СДСМ изјавија дека е почната постапка за негово исклучување од партијата.

„Партијата го разреши Боро Стојчев од претседател на општинската организација на СДСМ во Ново Село. Започната е постапка за бришење за исклучување од партијата, бришење од евиденција, односно отчленување од СДСМ“, изјави Костадин Костадинов, пратеник од СДСМ и коалицијата, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој додаде дека СДСМ како одговорна и државотворна политичка партија се води од принципите на почитување на правото и на законите.

„Оттука го повикуваме Стојчев да си даде неотповиклива оставка од функцијата градоначалник на општина Ново Село. За нас, законите се закони и треба да бидат почитувани и од членството и од функционерите од која било политичка партија“, нагласи Костадинов.

Градоначалникот на Ново Село на 10 јули годинава, заедно со уште четири лица, беше фатен во обид да шверцува цигари во близина на македонско-бугарската граница. Тогаш беа запленети речиси 3 300 штеки цигари во вредност од над 3 милиони денари. Најпрво му беше изречена казна затвор од 18 месеци, но подоцна апелација во Штип му ја намали казната на 6 месеци.

Намалени беа и казните на неговите син и внук, кои исто така учествувале во шверцот на цигари.