Македонија 31. декември 2019. / 11:49

(ВИДЕО) Новогодишно обраќање на премиерот Зоран Заев

(ВИДЕО) Новогодишно обраќање на премиерот Зоран Заев

Интегрален текст од новогодишното обраќање на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев

На неколку часа пред Новата Година, кога сите сме со нашите најблиски, ви посакувам подобро и поубаво утре, здравје и исполнетост со радост и топлина.

Некои наши сограѓани вечерва ќе бидат на работните места, во болниците, во Полицијата, во противпожарните служби, во Армијата – ќе се грижат за земјата и за нашата сигурност. На сите нив, да им оддадеме почит и признание.

За припадниците на нашата Армија, и сите наши граѓани, 2020 година ќе биде година за паметење. Северна Македонија и формално ќе стане членка на најмоќниот сојуз – НАТО.

Ништо нема да не запре и силно ќе чукаме и на портите на ЕУ зашто имаме што да кажеме. Бидете горди на овие постигнувања.

Денес сакам да си ветиме дека во 2020 уште повеќе ќе го разгориме пламенот на заедништвото и солидарноста. Дека ќе ги негуваме и одржуваме љубовта и разбирањето кон другиот. Тоа се толку едноставни, а толку големи чекори. Да продолжиме да бидеме пример за кој сите зборуваат.

Секој човек е важен. Затоа инвестираме во нашите граѓани, во иднината, во децата. Целиот наш народ, без исклучок, е нашето најголемо богатство. Драматично го свртевме социјалниот курс, ја правиме нашата земја социјална и праведна држава. Наша заедничка обврска е да овозможиме сите луѓе да ја добијат шансата што ја заслужуваат, да ги искористат своите вештини.

Постојано да си честитаме што успеавме да ги вратиме слободата и демократијата. Да се храбриме бидејќи имаме економија која платите ги влече напред, како никогаш до сега. Бидејќи економијата од минус ни отиде во плус. Но, да биде јасно, пред нас е обврската за целосно воспоставување на правна држава. Нема отстапки, нема шминки и брзи поправки, туку темелна реформа.

Јас ќе направам сѐ за да го оствариме тоа. Останете посветени на правдата, вашата поддршка е суштинска за да успееме.

Народе мој,

Посакувам да сме сите живи и здрави и со најголема радост да ги дочекаме сите новородени во 2020 година, со решеност дека ќе обезбедиме топол и безбеден дом за секое дете, за секој човек.

Во новата 2020 година, посакувам секој од нас да го направи најдоброто за нашата земја. Покрај обврските на државата, придонесот на граѓаните е многу важен за македонската иднина. Затоа, секој нека покаже како се сака сопствената земја. Ништо не е поважно од тоа.

Ви посакувам од длабочината на моето срце, среќна, успешна и незаборавна нова 2020 година.