Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, одржа прес-конференција во која ја обвини власта за бегството на Сашо Мијалков. Освен тоа, тој го искоментира и „разнишаното“ парламентарно мнозинство.
Николоски потврди дека се во разговор со членови на владејачкото мнозинство кои не се членови на СДСМ.
– Во ваков парламент каде имаме толку изедначени бројки и имаме влада со само еден пратеник повеќе од она што е потребно за формирање Влада, нормално е да има такви разговори. Нема базичен политички дијалог меѓу власта и опозицијата заради власта, тоа нас не‘ става во позиција да бараме ново парламентарно мнозинство, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Додаде дека откако нивните предлози не биле прифатени одат во процес на рушење на оваа влада.
– Да ве потсетам и вас и јавноста, до Нова Година нашиот концепт беше токму обратен во корист на поширока маса на граѓани, да се формира влада на национално единство. Но тоа беше одбиено од СДСМ и нивните коалициони партнери. па затоа сега влегуваме во процес на рушење на оваа влада, заврши Николоски.