Македонија 25. ноември 2020. / 17:16

(ВИДЕО) Мицкоски: Во скандалозното интервју Заев прави чекор кон откажување од малцинството

(ВИДЕО) Мицкоски: Во скандалозното интервју Заев прави чекор кон откажување од малцинството

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, предмалку оддржа вонредна прес конференција, потикнат како што рече, од интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС.

Тој констатираше дека се покажале како точни неговите тврдења дека бугарските власти бараат нов договор или анекс на Договорот за добрососедство.

Интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС е додворување до бугарската јавност и подготовка на македонската јавноста. Со него Заев грубо изнесува несмасни тези со кои ги нарушува преговарачките позиции на земјава и ја загрозува европската иднина, оцени лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вонредна прес-конференција откако беше објавено интервјуто во бугарскиот медиуми.

Тој вели дека кај него и партијата постои загриженост поради неколку позиции што ги изнел Заев во интервјуто, кое го нарече и скандалозно. Мицкоски прво констатираше дека се покажале како точни неговите тврдења дека бугарските власти бараат нов договор или анекс на веќе потпишаниот Договор за добрососедство, нешто што рече, Заев го потврдил во интервјуто.

„Заев во ова скандалозно интервју ја негира антифашистичката борба на граѓаните и нашето право да се повикуваме на тоа наследство. Тој прифаќа дека овде постоела бугарска администрација и практично македонските борци за независна македонска држава кои се бореле против фашистичкиот окупатор во Втората светска војна ги изедначува со истиот тој окупатор за време на оваа скандалозно интервју па вели дека Скопје, Куманово и Крива Паланка, всушност биле ослободени, а не биле поробени во Втората светска војна“, рече Мицкоски.

Лидерот на опозицијата рече дека е загрижен и затоа што ова интервју може да се толкува како прв чекор кон откажување на македонското малцинство што живее во Бугарија.

„Со тоа и поништување и брутално кинење на сите пресуди кои меѓународни судови ги имаат изречено, како што е Судот за човекови права во Стразбур, каде јасно и недвосмислено стојат насоките кои, за жал, на неевропски и нецивилизиран начин нашиот источен сосед досега ги игнорира и не ги применува. Морам да изразам сериозна загриженост и за една тенденција за менување на карактерот и улогата на македонските херои што е упад и фалсификат на македонската историја“, рече Мицкоски.

Тој го повика народот и во земјава и во дијаспората да следи како се одвиваат преговорите со Бугарија во наредниот период и порача дека ако се наруши достоинството и се задира во идентитетот, тие ќе реагираат на „соодветен начин“.

„Ги предупредувам во владата на Заев да не си играат, да не го начнуваат македонскиот идентитет бидејќи на тој начин ќе се соочат со сиот гнев на македонскиот народ и нација. Македонскиот народ го повикувам внимателно да ги следи овие денови кои се пред нас, внимателно и будно да следиме што преговара Зоран Заев и на што се е спремен, а потоа на соодветен начин, ако го навреди македонскиот идентитет, да реагираме и да го спречиме, јас ќе бидам прв во таа борба“, рече Мицкоски.