Координаторот на пратеничката група Мицевски рече дека е подобро пописот да се пролонгира за еден месец додека се набават овие апаратчиња, отколку тој да не биде кредибилен.
ВМРО-ДПМНЕ поднесе 26 амандмани на предлог – законот за попис, кој Владата го испрати во Собранието со европско знаменце, соопшти денеска координаторот на пратеничката група Никола Мицевски.
-Се работи за суштински амандмани кои ќе ги аргументираме затоа што со нив би значело подобрување на самото законско решение и влевање на доверба во целото ова решение законско кое што се нуди сега, рече Мицевски на прес-конференцијата во Собранието.
Тој уште еднаш потсети дека барањето од неговата партија, пописот да се спроведува и со земање отпечаток од прст дава сигурност во целата постапка, а ги отфрли образложенијата дека тоа е скапа операција и ќе треба време.
-Таква одлука за набавка во Државната изборна комисија за таква апаратура има, меѓутоа не се префрлени пари од буџетот во ДИК за тоа. Сметаме, доколку навистина ова треба да го направиме како што треба да го направиме, дека е многу лесно државата да префрли пари за да бидат обезбедени овие апарати за отисок од прст со што на многу лесен начин ќе успееме да резидентното население го одвоиме од државјаните, рече Мицевски, додавајќи дека е подобро пописот да се пролонгира за еден месец додека се набават овие апаратчиња, отколку тој да не биде кредибилен.