Претседателот на партијата „Левица“, Димитар Апасиев во интервју за Економски Лидер вели дека на изборите на 12-ти април очекуваат да освојат четири до пет пратенички места и со постојниот изборен модел за кој вели дека е скроен да им одговара само на поголемите партии.
– Искрено се надевам целиот президиум да влезе или пратеничка група од пет пратеника. Значи носителите на листи од „единица“ до „петка“ се надевам дека имаат реални шанси да влезат во парламентот, бидејќи статистички за таа излезност ви требаат околу осум илјади гласови, вели Апасиев.
СДСМ според Апасиев на овие избори ќе доживее дебакл, а интуитивно вели, предвидува дека ќе се повтори сценариото од 2006 година кога помалите партии, кои беа надвор од големите коалиции, освоија пратенички места и без кои што потоа не можеше да се состави влада.
На прашањето со кого би коалицирале доколку од нив зависи формирањето на идната влада Апасиев вели дека првиот услов кој ќе го постават на маса е поништувањето на Преспанскиот договор.
Во интервјуто за Економски Лидер, претседателот на Левица зборува и за судството, случајот „Рекет“, промената на името, Законот за јазици.