Идејата за формирање на телото за помирување потекнува од мнозинството, да има општо помирување меѓу партиите, изјави денеска за медиумите претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Како што рече, волја на пратениците е токму тој да го води ова тело.
„Вчера имавме дискусија со претпоставка како би изгледало. Еден од основните елементи е етичкиот кодекс на однесување, кој беше усвоен. Очекувам иницијаторите да свикаат конкретна средба и да ја објаснат идејата“, рече собранискот спикер.
Според него, во однос на ВМРО-ДПМНЕ јасно е дека не се заинтересирани за општо помирување кое ќе се одрази и врз граѓаните.
„За законот за амнестија имаат надлежност да достават предлог-закон и тоа не е спорно, но која е идејата и што би придонело тоа. Не прејудицирам која би била идејата и во кој опфат би било, но во секој случај секој пратеник има легитимно право да предложи закон, па и таков закон. Ќе се разговара за тоа кога ќе имаме конкретен предлог“, истака Џафери.
Во врска со подготовката на уставните амандмани, тој рече дека обврска на предлагачот е да подготви амандмани, но истакна дека не е спорно да се прават консултации и да се бара мислење од пратениците, рече Џафери на прашањето дали се мешаат законодавната и извршната власт по предлогот на премиерот Заев уставните амандмани да се пишуваат заедно.