Министерот Венко Филипче на втората вонредна прес-конференција истакна дека имало девет лица во комбето со кое заразената се вратила во Македонија.
Тој информираше дека сите патници со кои патувала жената заразена со корона вирус се идентификувани и се тестирани. Сите тие ќе останат дома се додека не се дознаат резултатите.
-Идентификувани се сите патници од комбето. Биле 9 луѓе 8 патници и возачот. Идентификувани се на едно место во Скопје и 3 места во Струмица. Во овој момент веќе се упатени екипи на епидемиолози да се направи прегледот и анкетата за дознавање податоци со кој се лица денеска овие патници комуницирале. Најпрво вечерва сите ќе останат во домашна изолација со полициски надзор. Во однос на податоците со колку луѓе контактирале, ќе се одреди дали ќе продолжи изолацијата или ќе бидат префрлени во инфективните одделенија за надзор, рече Филипче.
Министерот Филипче истакна дека 50-годишната пациентка која е заразена со Ковид-19 е во добра состојба, но зафатено и е едното белодробно крило.
-Сакам да упатам апел дека нема простор за паника. Имало порано епидемии, нема потреба од снабдување некакви залихи. Уште од почетокот се преземени мерки и беше земено во предвид дека вирусот е асимптоматски. Апелирам да се информираат граѓаните од министерството за здравство. Во тимот кој го прати ова членуваат искусни луѓе, вели Филипче.