Македонија 16. септември 2020. / 14:00

Весела математика: Спласна ли оптимизмот на Заев за траењето на преговорите за членство во ЕУ?!

Весела математика: Спласна ли оптимизмот на Заев за траењето на преговорите за членство во ЕУ?!

За четири години отворање на 80% од поглавјата во преговорите на Македонија за членство во ЕУ, а потоа за една, три, шест, а можеби и подолго за завршување на останатите 20 отсто од поглавјата.

На ваква весела математика се сведуваат размислувањата на старо-новиот премиер Зоран Заев за траењето на преговорите на Македонија за полноправно членство на Македонија во Европската Унија.

Разликата од максималниот оптимизам и премин кон умерен песимизам може да се види за период од само неколку недели. Поточно, од неговото промовирање на програмата за работа на старо-новата Влада до денешниот негов настап на панел дискусијата посветена на Западен Балкан во рамките на конференцијата на „Економист“, што се одржува во Атина.

Шестиот дел од Владината програма имаше наслов Влеговме во НАТО, можеме и во ЕУ. И во него, меѓу другото, беше наведено дека „Владата на Северна Македонија има амбициозен, но реален план: да ги заокружи преговорите што поскоро и што поуспешно и да стане држава членка на ЕУ при првиот нареден бран на проширување. Во 2020 година ги започнуваме преговорите за членство и убедени сме дека нашата држава има капацитет, способност и волја до 2024 година во мандатот на оваа Влада да отвори 80% од поглавијата и да биде најмалку на исто ниво на интеграција со државите од Западен Балкан кои во моментот преговараат за членство со ЕУ“.

Во денешниот настап, пак, во Атина, говорејќи за тоа колку време би требало Македонија да стане полноправна членка на ЕУ, меѓу другото истакна дека „имаме реални очекувања и процесот ќе трае онолку колку што е потребно“.

-Пет, седум, десет години. Зависи од нас, но зависи и од Европската унија колку е фокусирана на Западниот Балкан, рече Заев и додаде дека прашањето, „не е да бидеме членки на Европската Унија, само за да бидеме во ЕУ, туку Европа да ја внесеме во Македонија“.

Значи, сега Заев истакнува дека покрај веселата математика не зависи се само од Македонија, туку и од тоа колку ЕУ ќе биде фокусирана на Западниот Балкан, нешто што недостасуваше и во предизборната кампања, но и во програмата за работа на неговата старо-нова Влада.