Медицинска компликација е причина за смртта на родилката во Штип, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Министерството за здравство пред два дена го доби извештајот за случајот со родилката која во јуни почина во Клиничката болница во Штип.
Во извештајот пишува дека биле запазени сите процедури согласно практиките на добро лекување и дека станува збор за медицинска компликација.
Филипче посочи дека покрај сите преземени соодветни медицински мерки и аплицирани постапки од препораките за третирање на такви компликации за жал немало успех.
„Станува збор за компликација која предизвикува крварење при кое за жал лековите не можат да делуваат и да направат контракција на матката и на тој начин да се запре крварењето. Постојат и други постапки кои следат после тоа, кои се преземени, но не дале резултат“, нагласи Филипче.
Во врска со случајот со родилката во Гевгелија, министерот рече дека извештајот сѐ уште не е готов.
Филипче најави дека од наредната недела ќе се распише нов тенедер за набавка на реагенси.