Македонија 08. октомври 2018. / 18:04

Величковски за „Лидер“: Брзи избори ризик за уште подлабока криза!

Величковски за „Лидер“: Брзи избори ризик за уште подлабока криза!

Претседателот на Либералната партија и долгогодишен претеник во Собранието, Ивон Величковски во интервју за „Економски Лидер“ истакна дека, во овој момент, изборите не се најдборото решение. Тој го предлага моделот на влада на национален прогрес, кој би можел нешто да реши, но истовремено да биде доволно пржински, и да трае до одржувањето на правовремени, а не предвремени избори. Вели, не смее да се погреба Договорот од Преспа, решението е во Собранието, но не засновано на пазар, туку на свесна поддршка од народните избраници. Заев и Мицкоски имаат можност да бидат предводници на нова генерација во политиката. За Величковски, реферндумот дал слика на ранетост и поделбата во целокупното општество. Лидерот на ЛП зборува и за ДУИ и нивната стихијна политика, како и функционирањето на владината коалиција со различните ставови.

Уставни измeни или избори? Референдумот успешен и за власта и за бојкотирачите. Победи гласот на народот, но и не се исполни цензусот. Започнува се пожестока политичка игра. Ќе успее ли власта да обезбеди уште 9 пратеници за да поминат уставните измени во Собрание?

Референдумот заврши и формално не е неуспешен. Но бројката поддржувачи на решението е значајна и таа е вредност во име на која е легитимно да се бара решение. Според актуелниот избирачки список, со гласовите „За“, „Против“ и неважечките, сепак став има околу 1/3 од вкупниот број избирачи. Иако се потврдија предупредувањата на ЛП уште од 2006 дека референдумот не е инструмент за решавање, туку за префрлање на одговорноста низ поделба на општеството, не чувствувам триумф. Напротив, чувствувам одговорност сега, кога е тешко, да помогнеме во јавната дебата со решенија и фокусиран пристап, наместо да калкулираме и комплицираме. Би предложил во ваков дух на трезвеност и отворен ум да продолжиме сите, а особено оние кои според парламентарниот распоред на сили се во позиција да одлучуваат. Сега не е момент за копање ровови и политички мачоизам, особено не на политичките лидери. Успех би било да има решение поддржано од уште 39, а не од „само“ уште 9 пратеници. Но, до решение ќе се дојде ако се бара – компликувано е, но не и неможно. Сепак, не сум во Собранието и немам доволно информации за да дадам попрецизни проценки.

Ако успешен референдум за Власта значи 90% кои гласаа „За“, значи ли тоа дека ВМРО-ДПМНЕ по дифолт треба да ги гласа уставните измени?

Формално референдумот не даде јасно мнозинство, но бројките не зборуваат за маргинален, туку напротив, за сериозен број граѓани што поддржаа опција на решавање на спорот за името. Решенијата во кризни услови не треба да бидат исклучиви, туку што посеопфатни, за кризата да не се продлабочува. Потребен е добронамерен и позитивен пристап, па би го резимирал следното. Според реакциите на аналитичари, влијателни дипломати, на дел од партиите кај нас, па и толкувајќи изјави и во соседството – имам чувство дека срамежливо се тестира простор за минимални, но добродојдени допрецизирања во еден домен од Договорот од кој произлегува потребата од уставни измени. За да не давам лажни очекувања, потенцирам дека ваквиот подотворен „прозорец на можности“ не го гледам за целиот Договор и сите прашања, туку во она што популарно беше наречено „идентитетско прашање“. Но, препорачувам пораките да се читаат внимателно, да се разберат правилно и да се даде шанса на ваквиот импулс. Така може да се дојде до собраниско решение што нема да се заснова на пазар, туку на свесна поддршка од убедливо двотретинско мнозинство во Собранието. А тоа ги вклучува сите партии. Временска флексибилност во разумен рок исто така е потребна.

Сепак, ВМРО-ДПМНЕ и по Централниот комитет, ја потврди одлуката на Извршниот, референдумот е „фалсификат“, ќе поднесат кривични пријави против 200 лица, за избори се подготвени само по теркот на Пржинска Влада. Сметате ли дека ова е оправдана одлука?

По првичните „адреналински“ изјави од 30 септември и 1 октомври, посмирен пристап е потребен и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ. За почеток, треба да се поздрави и смирувачкиот тон во ставот на ДУИ по прашањето на предвремените избори. Понатаму, да нотираме дека за разлика од очекувањата на некои полит-аналитички „гуруа“ пред референдумот, најголемата опозициска партија е силно факторизирана, а нејзиниот лидер е легитимиран. Тоа покажува дека 1 октомври 2018 е датум-меѓник. Една цела политичка генерација де факто е демантирана со (не)гласањето на нацијата, а од референдумската вечер и Заев и Мицковски се ослободени од рамките поставени меѓу 2005 и 2011 од наративот и решенијата на Груевски и Црвенковски. Ова е можност за креативност и конструктивност и за Мицковски и за Заев и за сите нас од новата, се надевам веќе зрела генерација во политиката. А ако ова се реализира, новите трендови брзо ќе се преселат и во економијата и во сите сфери на општественото и политичкото живеење.

Инаку, ценам дека одржувањето на живоста на Преспанскиот договор е приоритетна. Особено на духот на уредување на прашања кои беа доведени до ниво на баук, заедно со елиминирањето што е можно повеќе непознаници од него и со обезбедувањето релевантни гаранции и за нашата страна. На ова прашање опозицијата предупреди во кампањата и тоа бара внимание. И натаму сметам дека (прераното) „погребување“ на Договорот без извесна алтернатива е партиска нарација, но не и политички одржлива алтернатива. Барањето, пак, за кривично гонење за секој што се обидел незаконски да влијае на исходот од референдумот е принципиелно. И, колку и во моментот да изгледа чудно, тоа може да биде една од точките на суштинско приближување на власта и опозицијата во потрагата по квалитетни решенија и поправање на системот во државата.

Во таа смисла, парадоксално е, но кризата нуди решенија и онаму каде најмалку ги очекувате, ако сакате да ги препознаете. На пример, анализирајќи го контекстот на поларизација и кризирање на системот и политиката денес скоро еднакво како и пред 4 години, јавно поддржав една идеја и сега упатувам на неа: решението низ „Влада на национален прогрес“, што амбасадорот Зеколи го понуди во јавноста пред неколку дена, а ЛП го застапуваше во 2014, согласно тогашните политички состојби и услови. Ова решение, заедно со „прозорецот на можности“ за кој зборував претходно, нуди излез. Бидејќи барањето за „пржинска влада“ пред избори е легитимно, оваа „прогресивнава“ би можела ем нешто да реши, ем да биде доволно „пржинска“, ем да трае до одржувањето на правовремени, а не само предвремени избори. Инаку веќе сега е извесно дека ако не во 2018, предвремените избори секако ги имаме во 2019.

Меѓународната заедница инсистира на планот „А“ и спроведување на уставните измени во законодавниот дом. Дали ќе се издејствува мнозинство и дали навистина опозицијата ќе биде хомогена во тој дел, како што ја претставува нивниот лидер? Пораката на германската ЦДУ кон ВМРО-ДПМНЕ е јасна – гласајте во Собранието или вие ќе бидете виновни.

Ајде прво да ги проанализираме пораките од (не)гласањето на граѓаните, а потоа и од сите оние за кои Македонија е прашање на мандат, а не на живеење во неа. Да зборуваме за решенија, а не само за планови.

За почеток, да си одговориме на следниве неколку прашања: Дали убедливо мнозинство граѓани сакаат земјава да биде дел од НАТО? Од ЕУ? Дали имаме потреба од решавање на спорот? Дали молкот за референдумот е гласниот одговор и опомена од сите граѓани што се чувствуваат злоупотребени од своите избраници? Дали очекуваат и бараат политичарите да најдат решение? Ако одговорот на сите овие поставени прашања е „Да“, тогаш треба да си признаеме дека доаѓањето до решенија за одржување и спроведување на Договорот е приоритетна задача и одговорност. А потоа, и меѓународна заедница, и ЦДУ, и амбасадори, и комесари… сите ќе бидат задоволни штом го оствариме решението. Впрочем, нивната инвестиција во процесот е голема, а сигурно имаат капацитет да помогнат да се изоди уште една мала етапа од овој пат. Но, за тоа треба да видат и иницијатива и концепт од овде. Од оваа призма, пораките може да ги сфаќаме и како предупредувања, но и како мотивација. Затоа да се вратиме на посочените „прозорци на можности“.

А прашањето на хомогеноста на партиите, пратениците и слично станува второстепено во споредба со ранетоста и поделбата во целокупното општество што референдумот брутално ни ја отслика, а се чувствува и манифестира и во секојдневната комуникација, и на социјалните мрежи и… едноставно насекаде.

Планот „Б“ се избори кон крајот на ноември. Дали изборите ќе ја воведат Македонија во поголема политичка криза, или пак ќе значи излез и исполнување на Договорот од Преспа?

Референдумскиот исход отстапува меѓу 7 и 14 % од анкетните предвидувања, па станува јасно дека граѓаните немале мотив и доверба масовно да го поддржат понуденото решение, ниту пак тоа да го најават низ анкетите или преку класичните медиуми. Во контекст на бројките од гласањата во 2016, 2017 и 2018, може да се оцени дека при вакви „рововски позиции“ на партиите и освестен, па и гневен електорат, не е извесно дека би имало значително поинаква дистрибуција на мандати во Собранието. А тоа ризикува по изборите да се произведе уште подлабока криза.

Претходно зборував дека духот на отвореност кон решенија треба да се одржи и оваа порака се однесува и на домашните и на меѓународните фактори, бидејќи класичната идеја за разрешница низ брзи избори е функционална во традиционални парламентарни демократии каде немало вакви преседани како кај нас изминативе години. Ќе повторам дека досегашниот пристап кон граѓаните поттикна бојкот и апстиненција како инструменти на пркос на електоратот поради незадоволството од повторното заборавање на економско-социјалните проблеми, на борбата со криминалот и корупцијата по 2016 и од елитистичко-пропагандистичкото владеење што Западот несвесно и ненамерно (ќе) го спонзорира, а Истокот едвај (ќе) чека да го злоупотреби без голем напор и „инвестиции“. Ова е логиката на укажувањата дека „влетување“ во брзи избори без искористување на подотворените можности е голем ризик за сите.

ДУИ смета дека во моментов не е време за предвремени парламентарни избори, со кои ќе се наруши динамиката на имплементацијата на Договорот од Преспа, што може да доведе до сериозна блокада на интегративните процеси на Република Македонија во НАТО и Европската Унија? Се плашат ли интегративците дека ќе ги загубат и оние 10 пратеници кои сега ги имаат во собранискиот состав?

Да гледаме на работите непретенциозно. Во моите ставови не открив „топла вода“, па сметам дека барем дел од аргументите што ви ги изнесувам денес ги согледале и во ДУИ и процениле како што соопштија. Не би се изненадил доколку овие погледи (во раличен степен) ги споделуваат и во другите партии. Ако е тоа случајот, во Македонија има шанси да се изгради концептот на креирање одржливи решенија низ конструктивност, вклученост и дијалог. А ако ваквиот „вирус“ ги зафати оние што ги донесуваат одлуките, ќе тргнеме напред.

Зошто Ахмети има спротивен став со Заев? Дали нешто не штима во коалицијата?

Можно е. Но, потсетувам и дека ДУИ од самиот почеток на мандатот на оваа Влада изрази резерви за идејата за референдум за името, па во услови на вака „недоречени“ резултати ставот на интегративците е потврден. Сепак, да не забораваме и дека можноста за предвремени избори е голема, па „заострувањето“ на реториката, дури и кај партнерите во власта, не треба да биде изненадувачко.

Дали проектот ЕУ и НАТО сепак се само мисловна именка за Македонија?

Имајќи предвид дека пристапувањето кон ЕУ е сложен процес што зависи од долготрајни преговори и реформи со кои ќе се занимаваме уште барем два мандати, го делам мислењето дека прво на дофат ни е членството во НАТО и дека таа шанса за нашите стратешки цели не треба да ја прокоцкаме.