По реакциите на јавноста дека апаратот на Министерството за животна средина кој ги мери ПМ 10 честичките не е во функција, локалната власт реагирала до надлежните. Оттаму добиле информација дека е неизвесно кога апаратот ќе проработи. Или Велес ќе остане без податоци за загаденоста на воздухот со прашина (ПМ 10 честички) до набавката на нов инструмент.
-Инструментот за ПМ 10 во мониторинг станицата ‘Велес 2‘ е во функција од 2004 година. Со оглед на староста, неговата чувствителност се намалува. Оптималната оперативност на инструментот е 10 години и веќе одамна е истечена. Поради тоа, мерниот инструмент е чувствителен на промена на температура, влажност и атмосферски притисок и дава неточни податоци за измерените концентрации. Поради овој технички проблем, мерења за ПМ 10 нема да се вршат додека не се обнови опремата- одговориле од Министерството за животна средина (МЖСПП).
Тој не е во функција од почетокот на јули годинава. При крајот на јуни и во почетокот на јули, апаратот започна да покажува високи вредности, што за лето беше невообичаена појава. За разлика од ова, параметрите кои ги покажуваат вредностите за чад и сулфурдвеоксид работат. Тогаш од Министерството кажаа дека резултатите се неверодостојни со невообичаено високи часовни вредности, кои достигнуваа и до 200 микрограми на метар кубен.
-Тие се неверодостојни и се резултат на староста на анализаторот и истите се изземаат- информираа летоска од МЖСПП.
Така, од 12 јули, велешани на знаат каков воздух дишат во однос на суспендираните честички со големина од 10 микрограми. На ова реагираа и екологистите од „Зелена сила“.
-Ускратено е правото граѓаните на Велес да знаат во каква животна средина живеат. Оправдување не може да има дека апаратот е стар. Но, ова не е единствен показател за нефункционирањето на ова Министерство, оти и натаму дозволуваат да работи Варницата во Превалец, иако таа нема А-интегрирана дозвола и постапката сега ја започнаа- рече Игор Смилев од ЕГ „Зелена сила“.