Македонија 24. јануари 2019. / 10:35

Вакцините со погрешни рокови ќе бидат уништени

Вакцините со погрешни рокови ќе бидат уништени

Откриените 624 вакцини, на чии кутии беа аплицирани декларации со истечен рок, ќе бидат уништени. Од Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД за „Независен весник“ велат дека испратиле барање до компанијата увозник и дистрибутер на вакцината МРП, „Македонија лек“, тоа да го стори во рок од три дена. Уште дефинитивно не е одлучено колкава казна ќе следува за „Македонија лек“ за направениот пропуст, меѓутоа се разгледува можноста таа да изнесува 50.000 евра.
-Во рок од три дена треба да бидат уништени вакцините. Пуштивме наредба до „Македонија лек“ да ги уништат, а тие треба да ни достават изјава дека се однесени во ‘Дрисла’. Станува збор за 624 вакцини на кои имаше погрешни декларации со истечен рок иако вакцините имаат важност. Уште не сме одлучиле колкава ќе биде казната за компанијата увозник на вакцините МРП, „Македонија лек“. Околу тоа прашање во тек се состаноци, разгледуваме казната за компанијата да биде максимална, најверојатно 50.000 евра, меѓутоа со точна информација ќе излеземе в петок-велат од Агенцијата.

Од Министерството за здравство велат дека чекаат потврди од здравствените домови, кој и како ги примил вакцините без да забележат дека на пакувањата се ставени декларации со истечен рок. Одговорност ќе се бара и од директорите на здравствените домови и од вработените во вакциналните пунктови, а Министерството за здравство, пак, ја разгледува можноста да ја дисквалификува компанијата за следниот тендер за набавка на вакцини. За добра дистрибутивна пракса во иднина здравствените власти од направениот пропуст извлекоа поука и веќе подготвуваат правилници за добра дистрибутивна пракса.

И додека се чекаат уште одговори од надлежните, лекарите и натаму регистрираат нови случаи на заболени од морбили. Од вторникот вечерта до вчера утрото со клиничка слика на морбили регистрирани се осум граѓани, од нив четворица се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, а другите се пуштени на домашно лекување. Од заболените со морбили, четири се деца кои не одат во градинка и ја немаат примено МРП вакцината, другите четворица се возрасни. Поради епидемијата на морбили, сè уште трае забраната за скопските градинки да не згрижуваат деца што не се имунизирани со ваква вакцина, согласно задолжителниот календар за имунизација. Од Државниот здравствен и санитарен инспекторат укажаа дека нема отстапување по решението, односно дека во градинките се примаат само вакцинирани деца.