Македонија 19. август 2020. / 22:58

Вака ќе изгледа новата влада на СДСМ и ДУИ

Вака ќе изгледа новата влада на СДСМ и ДУИ

Доста изненадувања на листата на нови министри од коалицијата „Можеме“.

Откако ДУИ предмалку ги објави своите претставници во новата влада, познати се и имињата на министрите од СДСМ.

СДСМ ги ротира досегашниот шеф на дипломатијата Никола Димитров во секторот евроинтеграции, Мила Царовска во образование, а досегашниот министер за земјоделство Љупчо Николовски ќе стане вицепремиер за борба против корупција. Со дипломатијата во следниот мандат ќе раководи Бујар Османи од ДУИ, а во земјоделство ќе седне кадар на Беса.

Досегашниот советник на Заев и преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ ќе ја замени Рената Дескоска во правда, а со културата ќе раководи поранешната пратеничка, историчарката Ирена Стефоска. Откако двата министерски ресори во економијата и финансиите отидоа во рацете на ДУИ, Крешник Бектеши и Фатмир Бесими, на вицепремиерската функција одговорен за економски прашања ќе заседне Фатмир Битиќи.
Нови имиња во предлозите на СДСМ се и Јагода Шахпаска која ќе раководи со труд и социјала, и Благој Бочварски во транспорт и врски.

Кај ДУИ, долгогодишниот пратеник Артан Груби ќе стане прв вицепремиер и министер за политички систем, а Насер Нуредини останува да раководи со министерството за животна средина. Партијата уште не одлучила кого ќе предложи за министер за информатичко општество.