Бугарскиот европратеник и известувач за Македонија во Европскиот парламент, Илхан Кјучук, уште не дојден како што треба во државата, а веќе зазема политичка страна. Ова слободно може да се заклучи по неговата изјава за бугарското радио Фокус. Зашто, тоа што го говори како да не излегува од негова уста, туку од устата на Зоран Заев или Никола Димитров. Само што останува нејасно дали неговиот став се должи на отворените бугарски позиции за посакуван партнер во продолжувањето на работата на македонско-бугарската комисија за прашања од историјата и за учебниците или евро-парламентарната група на која и припаѓа. Но, за што и да станува збор, неговото јавување токму во овој момент е далеку од политички коректно, а уште подалеку од реалноста во кампањата во која никој не го оспорува почетокот на преговорите и членството во ЕУ.
-Во предизборието во Северна Македонија се одвиваат две концепциски различни кампањи – за враќање на земјата каде што беше пред три години или да продолжи по патот кон Европската унија, изјавил за радиото Фокус, Илхан Кјучук.
Според него, во Македонија постои тешка и комплексна дебата за суштинските вредности и за тоа каде македонските политичари сакаат да ја видат својата земја.
-Некои се залагаат за тоа земјата да се врати таму каде што беше пред три години, а други ја поддржуваат идејата дека треба да продолжи да се развива на патот кон НАТО и ЕУ. Постојат и некои други идеи, кои доаѓаат главно од партии кои имаат за цел да привлечат гласачи од албанското малцинство, вели Кјучук.
Тој посочува дека нема посебни ризици за изборната кампања во РСМ, нема бојкот и сите политички сили ги повикуваат граѓаните да гласаат на 15 јули.
Кјучук посочува и дека постои дебата меѓу младите за иднината на земјата во ЕУ, слично како што беше и во Бугарија пред нејзиното зачленување во Унијата пред неколку години.