Опшатата болница со проширана дејност од Кочани денеска доби уред за дезинфекција од вируси и бактерии „УВ гард“, изум на македонските иноватори Ивица Поцков и Никола Глигоров.
Апаратот го донираше компанијата „Антура МК“ од Кочани, како поддршка на јавната здравствена установа против ширењето на корона вирусот. Од болницата истакнаа дека со тоа дополнително се зајакнуваат условите за заштита и на вработените, и на пациентите.
Упатуваме јавна благодарност до кочанската компанија за покажаната хуманост, особено што со овој уред се овозможува ефикасна дезинфекција за половина час на просторија од 40 квадратни метри. Ултравиолетовите зраци допираат до места кои се недостапни и стопроцентно ги елиминираат вирусите и бактериите, во воздухот и на нерамни површини, така што „УВ гард“ ќе биде дополнување на редовната дезинфекција што ја правиме на дневна основа во болничките простории – истакна Александар Серафимов, директор на Општата болница во Кочани.
Веднаш по добивањето на апаратот, почната е дезинфекција во амбулантските простории каде што има најголема фреквенција од пациенти, а со оглед што се работи за мобилен уред, тој ќе се користи и во хируршкото, интерното, детското и во другите одделенија во болницата.