Унгарската влада за „Макфакс“ вели дека Македонија е важен партнер на Унгарија и дека не сака да се мешат во внатрешните работи на нашата држава, но исто така посочуваат дека барањето на азил на поранешниот премиер Никола Груевски е законско прашање.
Според нив, добрата соработка меѓу двете земји е важен темелник за развој на балканскиот регион и за безбедноста на Европа.
– Актуелната македонска влада е партнер на Унгарија и затоа ние на ниеден начин не сакаме да се мешаме во внатрешните работи на суверените држави и сметаме дека разгледувањето на барањето за азил на поранешниот македонски премиер е чисто законско прашање. – се додава во дописот од унгарската влада.
Унгарските власти му дозволија на Груевски да поднесе барање за азил и да биде сослушан од тамошните институции.
– Никола Груевски поднесе барање за азил кај соодветната служба во Унгарија. Со оглед на фактот дека тој беше премиер на Македонија 10 години, од безбедносни причини унгарските власти му дозволија на г. Груевски да го поднесе барањето за азил и да биде сослушан во седиштето на Канцеларијата за миграција и азил во Будимпешта, која ќе ја спроведе процедурата во согласност со унгарските и со меѓународните закони. – стои во дописот на унгарската влада до „Макфакс“.
Тие велат дека во согласност со унгарскиот закон, унгарските власти нема да даваат понатамошни детали за процедурата за азил на Груевски пред таа да биде завршена.