Македонија 04. јуни 2020. / 12:17

УДБ-а те куди, УДБ-а те суди – Славјанка те куди, Славјанка те суди!

УДБ-а те куди, УДБ-а те суди – Славјанка те куди, Славјанка те суди!

Светот се менува, ама менталниот склоп на СДСМ не се менува. Останува стариот „добар“ УДБ-ашки „поглед на светот„ во кој доминира трката за создавање и борбата против „внатрешниот непријател“. Тоа што Македонија останува во канџите на подземната политика и отворената злоупотреба на институциите на системот во пресметката со политичките опоненти сега власта се обидува да ја продаде како некоја нова нормалност.

Следење на опозицијата, кршење на основните човекови права и слободи, злоупотреба на вонредната состојба, инструментализирање на полицијата, на инспекциските служби, прегледување кафеански снимки од безбедносни камери, со два збора театар над театрите, го враќа филмот од едноумието кога тајната полиција УДБ-а и обвинуваше и судеше. Се друго беше во нејзина служба. Од медиуми до правосудни органи. И тоа беше режим, што еве пак се повторува. Комунистичкиот режим се преточува во СДСМ-овски режим.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски бил на ручек во затворен дел од некој ресторан на Боемска. Не смеел. Според протоколите. Точно. Си призна човекот. Се натопори некоја си инспекторка таму и прави ли прави театар, море цели филмови. Ај, нека помине од другата страна на Вардар да ја видиме и нека се обиде да го стори тоа истото што го стори на Боемска! Докторот Таравари ја поздрави со отворено признание. Да сме живи и здрави, белки ќе дочекаме да видиме и такво нешто.

Сега барем знаеме дека насилството и заплашувањето на опозицијата е составен дел на владеењето на УДБ-а. Односно на режимот на СДСМ. и уште за што се трошат народните пари во услови на вонредна состојба. Наместо за борба против корона вирусот, за борба против опозицијата.

Дополнителната министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска одма му пресуди на Мицкоски. Се работело за две кривични дела, според членот 205 и 206 од Кривичниот закон. Едното е „пренесување заразна болест“ за што се предвидени парични или казни затвор од 1 до 10 години и второто „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, за што следува парична казна или затвор до една година.

Како тоа Петровска знае дека Мицкоски бил болен!? Од што!? Што пренесувал!? Која заразна болест!? Ковид-19?! Го тестирала без да знае Мицкоски?! Ги знае дури и резултатите?! Или само лупа така како Максим по дивизија?

Еве, потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири, јавно призна и предупреди дека е заболен од Ковид-19 и што поскоро да оздраве. И тој и неговите најблиски. Тој не бил во кафеана, туку во партиското седиште на СДСМ. И таму заболеле и други негови сопратијци. Истите законски одредби, според логиката на Петровска, важат за него или не? Ама него не го споменува. Исто како што не споменува дека и нејзиниот партиски шеф Зоран Заев одел и седел по кафеани.

Мицкоски не постапил според здравствените прописи за време на епидемија, смета Петровска. Зошто? Заради тоа што бил во затворен дел на кафеана или затоа што седел со уште еден или двајца пријатели повеќе од дозволеното? Па, тоа отворено се прави во секој дел од Македонија. И сега што? Петровска ќе ги прегледува снимките од кафеаната и ќе гледа да му подметне на Мицкоски оружје, планови за државен удар, дрога…?! Болни умови!

УДБ-а те куди, УДБ-а те суди, Славјанка те куди, Славјанка те суди!