Од револуционерка до народен пратеник. На само 24 години Ивана Туфегџиќ, одлучи да седне на пратеничкото столче и од таму да ги бара правата на студентите и младите.
Младата пратеничка уште од самиот почеток на политичката кариера успеа да наметне претпознатлив стил – често остра, но секогаш внимателно одмерена. Со прифаќањето на улогата да биде претставник на младите во законодавниот дом, Туфегџиќ на себе навлече огромна одговорност, па често можеме да видиме како и за најмали неправди нанесени од политиките на власта – нејзините соборци од студентските протести и шарената револуција ја прозиваат за помош и реакција токму неа.
Објективно е да се забележи дека секогаш се труди да одговори на прозивките, но, се чини, најмногу ужива во институционалната борба за исправање на неправдите нанесени од претходната власт.
Во интервјуто за „Економски Лидер“, Туфегџиќ истакна дека смета оти земјава со оваа политичка гарнитура се движи во вистинскиот правец. Во однос на веројатно најважното политичко прашање во изминатите месеци, прашањето за промената на името, пратеничката со категоричен одговор целта на Преспанскиот Договор ги оправдува средствата, со што младите иднината ќе може да ја побараат и во својата ново-именувана земја.
Од студентски протести, преку шарената револуција до пратеничко столче. Како еден од најмладите нардодни избраници, седнавте во фотеља со сериозна задача. Ја остваривте ли својата мисија?
– Одговорноста која доаѓа и која сум ја превземала од сите тие протестни движења е огромна. Овој систем е граден 27 години, а последните 11 години имавме буквално киднапирање на тие институции и нивно комплетно затворање од мала група на минатата владеачка гарнитура. Сите тие протести според мене создадоа една потреба за соработка и користење на знаењето, барањата и искуството на вонинституционалните актери преку граѓанскиот сектор во градењето на политиките. Од тој аспект мислам дека прилично успеваме да ги отвориме институциите во насока на процесот на креирање на политики и создавање на институционална меморија за начинот на креирање на политиките, за местото и учеството на вонинституционалните актери во тие процеси, како и се разбира квалитетот на самите политики. Мисијата сега за сега не можам да кажам дека е остварена, бидејќи има уште многу работа за тоа да се случи.
Студентските протести донесоа нов бран на делување и пресврт во општеството. Тие беа и појдовна точка со кои понатаму граѓаните гласно зборуваа за своите проблеми и бараа промени. Но револуциите и протестите замреа. Освен нова политичка гарнитура, видливи промени и не се случија. Студентскиот Пленум не функционира, а студентите останаа со старите проблеми. Чуствувате ли одговорност кон нив?
– Студентските протести се најубавиот момент од мојата меморија изминативе години и апсолутно чувствувам одговорност кон студентите и нивните проблеми. Токму затоа меѓу другото во Собранието заедно со пратеници од сите пратенички групи формиравме неформално тело Клуб за младински прашања и политики кое заедно со младинските организации, подмладоците на политичките партии работи на полето на младите, а во моментов фокус на Клубот е изработка на Закон за млади. На иницијатива на Клубот до Комисијата за образование, наука и спорт во Собранието доставено беше барање за теренска посета на студентските домови со цел изготвување на извештај со мерки за побрзо и поефикасно подобрување на состојбата во студентските домови. Овие прашања кои се однесуваат на студентскиот стандард, младинскиот стандард и младинските политики според мене треба да бидат натпартиска заложба на сите политички чинители во општеството. Сметам дека Министерството и Државниот Студентски Центар мораат да вложат многу сериозни напори во насока на подобрување на состојбите за студентите, како и образованието во целост.
Бевте гласна, бевте бучна и борбена. Зошто со ист жар не ги барате правата на студентите и од Законодавниот Дом?
– Напоменав во претходниот одговор како ја канализирам во изминатиот период борбата за креирање на поквалитетни и ефикасни политики. Сметам дека преку таквиот вид и на соработка и на вклучување на сите засегнати страни можеме да постигнеме долгорочни ефекти во секое поле, а најмногу во полето на образованието и студентскиот стандард.
Која е вашата мисија во Парламентот? Дали како револуционерка се претопивте во комоцијата на позицијата?
– Јас воопшто не ја гледам оваа позиција како комоција, ниту како престиж, напротив оваа позиција е одговорност, особено земајќи ја предвид обврската превземена пред граѓаните. Оттука за мене е важно законодавниот дом да биде комплетно отворен за соработка и креирање на политики со засегнати страни и како што веќе напоменав со вонинституционалните актери, но и внатре во законодавниот дом помеѓу политичките партии да може да се создаваат мостови на соработка во интерес на граѓаните. Може да се пронајдат точки на соработка за прашања кои се во интерес на граѓаните повеќе отколку точки за разделување. Таквиот начин на создавање на политики ќе доведе до долгорочна одржливост, но и квалитет на живот на граѓаните кои не избрале.
Дали студентите по 4 години од Студентскиот протест уживаат поголеми права, се соочуваат со подобри услови за студирање, дали стандардот е на повисоко ниво, дали корупцијата е намалена? Беше ли протестот само профит на неколкумина?
– Донесен беше нов Закон за високото образование, кој беше едно од клучните барање на студентските протести. Се разбира дека Законот нема да ги реши сите проблеми одеднаш и преку ноќ кои биле таложени со години, меѓутоа потребна беше една регулатива која ќе постави темели за тоа каде се движи високото образование, статусот на студентите, нивното организирање и претставување кое патем е еден сегмент кој е клучен и во борбата против корупцијата на Универзитетите, но и за студентскиот стандард. Имплементацијата на овој закон ќе биде од суштинско значење за да може на тие темели да се унапредува состојбата во високото образование.
Како пратеник, гласавте за промена на Уставот и усвојување на Договорот од Преспа. Зошто прмената на името би им обезбедила подобра иднина на младите?
– Преспанскиот Договор ги отвара вратите кон Европската Унија и НАТО. Овој спор предолго не држеше во една состојба на безперспективност, затвореност која видовме до каде не доведе и на внатрешен план. Енормна корупција, масовно прислушкување и кршење на човековите права кои доведоа до една од најсериозните политички кризи во кои Македонија била, таквата изолација не ни донесе ништо добро. Враќањето на Македонија назад на патот кон евроатланските интеграции со решавањето на деценискиот спор отвара врата на безбедна, стабилна и економски просперитетна иднина. Нема да ни се решат проблемите веднаш, ниту пак веднаш за младите ќе почне да тече мед и млеко, многу од работите особено во процесот на преговарање и отварање на поглавја со ЕУ ќе зависат од нас, како држава, институции и граѓани, колку ќе сме подготвени да отвараме и затвараме прашања почнувајќи од образованието, економијата па се до животната средина. Ќе биде потребен сериозен напор и работа меѓутоа со самото тоа што имаме јасна цел и широко отворени врати верувам дека шансата ќе се искористи максимално што може за иднината да можат младите да ја гледаат во земјата.
Европската Унија и НАТО, владејачката гарнитура ги претставува како единствен излез од долгогодишната криза. Скапо ли ги чини граѓаните на Македонија оваа евро-атлантска агенда на власта?
– Апсолутно не. Во претходниот одговор објаснив, јас силно верувам дека единствениот пат на Република Македонија е евроатланскиот пат и сега ни е укажан еден момент кој тешко ќе се повтори барем во поскора иднина за да можеме да зачекориме по патот кој многу одамна го поставивме како стратешка цел на Република Македонија.
Учествувавте во настаните од 27 април минатата година. Премерот побара помирување, опозицијата понуди амнестија. Според вас, каде треба да се најде НЗС?
– 27ми Април остана најцрниот ден кој и се случил на македонската демократија и на македонското Собрание. Собранието има премногу црни денови кои се случиле(24ти Декември, 27 Април) и тоа се и општествени и сериозни трауми за македонската демократија. Помирувањето ни е потребно и за ова и јас сум зборувала на говорницата во Собранието по говори на колеги кои биле лов на вештерки, на предавници и патриоти. Таквите говори, таквиот лов се прелева во општеството и доведува до оние слики кои ги гледавте на 27ми Април. Тој националистички наратив мора да престане. Таквото помирување притоа не значи упад во правосудниот систем, бидејќи правдата и вистината мораат низ еден фер и правичен судски процес да излезат на виделина.
Со 24 години решивте да преземете сериозна функција но и одгворност. Дали се каете за оваа одлука или го избравте вистинскиот правец?
– Во ниту еден момент за ниту една своја постапка не сум се покајала. Можам да се носам со последиците на своите одлуки, знаејќи дека сум сторила се и сум ги увидела сите ризици и предности при носењето на тие одлуки.