Тројца припадници на Министерството за внатрешни работи се заболени од коронавирусот. Едниот е полициски службеник во ПС – Бит пазар, вториот е од крим техника и третото лице, кое е денеска потврдено, е од оддел за јавни набавки во Министерството за внатрешни работи, соопшти министерот за внатрешни работи Наќе Чулев во емисијата „Топ тема“ на „Телма“.
Тој објасни дека тие се на болничко лекување и дека не станува збор за лица кои работат на терен.
Со сите лица кои биле во контакт со заболените извршен е разговор и дел од нив се тестираат и од досега тестираните, Чулев рече дека ниту едно не е докажано дека е позитивно на Ковид-19.
Додаде дека со решение сите се во самоизолација, а денеска во координација со Министерство за здравство извршено е интервју од епидемиолог и дезинфекција на просториите во Министерството за внатрешни работи. Претходно, при утврдување на присуство на коронавирусот кај лицето од ПС – Бит пазар, е направена целосна дезинфекција и ПС нормално функционира.
Во врска со мерката за забрана за јавен превоз од и до Куманово, рече дека Министерството за внатрешни работи има задача да го контролира спроведувањето на оваа мерка на Владата и дека доаѓа по препорака на здравствената комисија.
Прашан дали би се вовел карантин и во Куманово, како во Дебар, Чулев рече дека доколку оваа мерка не даде резултат тогаш сигурно во наредните денови ќе се преземат и други чекори кои ги предлага здравствената комисија.
Соопшти дека се преземени мерки против двајцата полициски службеници кои на социјалните мрежи објавиле непристојни постови со порака граѓаните да останат дома.
-Се работи за крајно неодговорно однесување на двајца полициски службеници и како Министерство за внатрешни работи веднаш и јас лично дадов обврска. Се работи за двајца полицајци во Ѓорче Петров, против нив се преземени соодветни мерки. Едното лице веднаш е суспендирано, а против другото соодветна диспцилинска постапка. Она што ја објавило сликата ќе биде суспендирано, а против другото ќе биде покрената соодветна диспиплинска постапка. Во однос на третото лице кое е од Прилеп и кое не е од МВР, и против него ОВР – Прилеп поднесе соодветна прекршочна пријава за лажно претставување и ќе одговара, рече Чулев.
Во емисијата соопшти и дека е пристигната пратката пасоши и дека континуирано се работи на нино изготвување.
Појасни дека лицата кои имаат закажано термин за издавање на пасош, лична карта или возачка дозвола, а поради ограниченото движење на постарите лица, може во најблискиот пункт да отидат и да извршат активностите во однос на издавање на лични документи во периодот во кој тоа можат да го направата, на пример за старите лица до 11 часот.