Тринаесет припадници на Армијата на Македонија од водот за обезбедување на Главната команда на мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан се позитивни на коронавирус и се наоѓаат во изолација.
Уште седуммина припадници на водот се наоѓаат во карантин поради контакт со заразените.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска попладнево разговараше со полковникот Златко Кузманов од главната команда во Кабул, кој ја информираше дека сите наши мировници се во добра општа состојба, без симптоми на болеста и згрижени во соодветни услови.
Полковникот Кузманов информираше дека во мисијата „Одлучна поддршка“ вирусот бил претходно проширен на околу 2.000 лица, а новиот бран се случил во последните десетина дена. Дека нашите мировници се позитивни на коронавирус, било откриено на редовните тестирања кои во базата се вршат еднаш неделно.
Министерката Шекеринска им посакала побрзо опоравување на припадниците на Армијата и побарала редовно дневно известување за нивната состојба.