Добрососедските односи да бидат критериум за членство на Македонија во ЕУ, да се користи официјалното уставно име на државата Република Северна Македонија, а не краткото Северна Македонија и формулацијата за јазикот да биде „официјален јазик“ на земјата-кандидат, а не „македонски јазик“.
Тоа се трите основни услови што Бугарија настојува да бидат вклучени во преговарачката рамка, јави Mediapool.bg, повикувајќи се на дипломатски извори.
Во текстот насловен „Софија има голем проблем со Скопје, а не банален спор за историјата, порталот пишува дека министерскиот совет, на кој ќе се одлучува за преговарачката рамка е одложен за 17 ноември.
На вчерашниот амбасадорски состанок бугарските ставови ги пренел амбасадорот Димитар Цанчев кој, според бугарскиот портал, кажал дека „Скопје“ практично ги блокирало преговорите со неговата земја и поради тоа на сите им било јасно оти Бугарија ќе ја запре соседната земја на патот кон ЕУ.
-Поддршката од ЕК и нереално позитивните оценки што нејзините експерти ги даваат за добрососедските односи, ја поткрепуваат издржаноста на нашето барање да има одделна преговарачка глава, така што државите членки би имале свој глас во подготвувањето на оценките, со оглед на необјективноста на Комисијата, го пренесува „Медијапул“ излагањето на Цанчев.
Бугарија инсистира на користење на официјалното уставно име на Република Северна Македонија во рамките на преговорите. Скопје го избра краткото име Северна Македонија и инсистира да се користи исклучиво во меѓународните односи. Сепак, ова кратко име е исто така име на истоимениот географски регион, кој вклучува делови од територијата на Бугарија. Бугарија инсистира Скопје да им стави до знаење на ООН дека краткото име на земјата се однесува само на државно-политичкиот субјект, Република Северна Македонија, а не на истоимената географска област. Повеќе од година и пол, сепак, Скопје избегнуваше да го стори тоа. Досега, ова беше направено само зад затворени врати во НАТО, пренесува Медиапул.
За јазикот Бугарија инсистира во рамката за преговори да се користи терминот „официјален јазик“ на земјата кандидат, по примерот со Црна Гора. Ова ќе ги земе предвид меѓународните правни обврски што Бугарија и Република Северна Македонија ги презедоа во договорот од 2017 година, во кој се зборува за „официјалните јазици“ на двете земји.