Македонија 11. февруари 2020. / 16:32

Трет ден без одговор од Филипче за хациендата што неговата тешта ја гради во Нерези

Трет ден без одговор од Филипче за хациендата што неговата тешта ја гради во Нерези

Како тештата на министерот за здравство Филипче, која е пензионерка гради огромна куќа на атрактивно место во Скопје? За разлика од  вчера кога за информацијата на Алфа, неповикано реагираше Министерството за здравство кое го брани министерот, сите останати молчат за изградбата на скап станбен објект, во кој соинвеститори се мајката на сопругата на Филипче и редовен добитник на тендери во здравствениот бизнис, за кој министерот јавно призна дека го познава.

Во меѓувреме трет ден молк од Катерина Савевска и Горан Филипов, сопственикот на компанијата „Синерџи“, која само на еден тендер во декември добила 1,7 милиони евра од министерството, кое го води зетот на неговиот соинвеститор. Откако не успеа да ја пронајде на телефон, Алфа денеска повторно побарала одговори токму од тештата на Филипче. Новинари на телевизијата биле на адресата каде што се води нејзиното живеалиште.

Сепал, нивниот едночасовниот обид да дојдат до тештата на Филипче останал неуспешен.

Како што пишува Алфa, покрај Савевска и Филипов, молчи и министерот Венко Филипче. Наместо тој лично, во негово име реагираше министерството, кое побара извинување за објавен прилог на Алфа телевизија, во  кој се отвораат основани прашања од јавен интерес. Оттаму велат оти се изнесувале неосновани претпоставки, но не се кажува што во информацијата е неточно.

-Не постои никаква поврзаност помеѓу министерот Венко Филипче и наводниот објект за којшто се зборува во прилогот или со сопственикот на објектот. Секоја релација што е наведена во прилогот е неоснована, произволна и резултат на претпоставки. Целиот прилог се базира врз наводни врски и наоди кои се истакнати во самиот прилог и кои немаат врска со реалноста. Исклучена е можноста за какво било влијание врз тендерската постапка од страна на министерот или кое било друго лице од Министерството за здравство. Од медиумот Алфа бараме да се извини за невистините изнесени во текстот, порачаа од Министерството за здравство.

Нејасно е зошто министерот самиот директно не негираше дека негова роднина и сопственикот на „Синерџи“, за кој потврди дека го познава, но НЕ биле многу блиски пријатели, заедно градат куќа.

Според документи до кои дојде Алфа, името и презимето, а и адресата на сопственикот на „Синерџи“ е иста со податоците во катастар. Куќата постои, се наоѓа во Нерези и е во постапка на градба.